На завршната средба помеѓу претставниците на Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР и Државната изборна комисија, која се одржа на 21 јули 2020 година, се дискутираше за прелиминарните наоди и заклучоци за Предвремените парламентарни избори, 15 јули 2020 година од страна на Набљудувачката мисија на ОБСЕ – ОДИХР и предизвиците и преземените активности за спроведување на изборите од страна на Државната изборна комисија.
Набљудувачката Мисија на ОБСЕ-ОДИХР, имаше неколку прашања во однос на целиот изборен процес, а особено за денот на гласањето, 15 јули 2020 година, потоа за изборната администрација и помошното тело во Државната изборна комисија, излезеноста на гласачите по пол, приговорите за спроведување на гласањето и сумирање на резултатите, софтверот за утврдување на резултатите и предизвиците со кои беше соочена Државната изборна комисија.
Следствено на тоа, она што беше истакнато од Државната изборна комисија на овој состанок е дека овие избори се спроведоа во време на страшни предизвици со пандемијата со Коронавирусот, но истите беа соодветно организирани согласно мерките и препораките за заштита и спречување на ширење на Коронавирусот од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со што учесниците во изборниот процес беа максимално медицински заштитени. За таа цел Комисијата имаше организирано симулација за тоа како би изгледал денот на гласањето, за да граѓаните самите се уверат дека може да го остварат своето право на глас, без притоа нивната здравствена безбедност на било кој начин е загрозена.
Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието во Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, беа презакажани токму поради новонастанатата ситуација со Коронавирусот и согласно на тоа беа направени значителни измени во законската рамка во кратки временски рокови. Ова претставуваше голем предизвик на кој Државната изборна комисја се прилагоди успешно, професионално, носејќи подзаконски акти кои беа во насока на спроведување на законот, како и подзаконски акти кои беа во насока на олеснување на работата на изборната администрација.
Сето ова беше забележано и од страна на Набљудувачката Мисија на ОБСЕ-ОДИХР, која информираше дека набљудувајќи го процесот на работа на изборната администрација утврдиле дека нивната работа била професионална, организирана и сигурна.
Гласањето се одвиваше на 13 јули 2020 година, 14 јули 2020 година и 15 јули 2020 година. Денот на гласање помина во мирна атмосфера и без ниту една забелешка. Дополнително на тоа, приговорите кои беа доставени до Државната изборна комисија, беа без факти и докази.
Во однос на техничкиот проблем со апликацијата за објавување на резултатите, Комисијата ја извести Набљудувачката Мисија на ОБСЕ-ОДИХР дека се преземени соодветни активности за добивање на одговор од соодветните институции во државата. Со техничкиот проблем единствено беше оневозможен делот од апликацијата за публикување на резултатите, додека пак во делот на внесот на резултати, Државната изборна комисија, ги добиваше сите резултати од сите избирачки места, со што неофицијалните резултати кои што ги објави Државната изборна комисија и после физичкото повеќекратно прегледување на сите запсинци бр.16 од сите 3480 избирачки места и записниците бр.21 од сите 80 општински изборни комисии се совпаѓаат.
Ова беа неколку од темите за кои се дискутираше како и за некои идни активности кои Државната изборна комисија планира да ги презема со цел унапредување на изборниот процес.
Двете страни беа задоволни од соработката во текот на целиот изборен процес, а Набљудувачката Мисија на ОБСЕ-ОДИХР, извести дека својот конечен извештај со препораки за евентуални подобрувања ќе го даде за одреден временски период од седум недели.
Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, генерално беа оценети дека се ефективно спроведени и покрај многуте предизвици.