Денес, членовите на Државната изборна комисија остварија координативен состанок со претставници од ЗЕЛС предводени од претседателот Орце Ѓорѓиевски, каде се разговараше за меѓусебната соработка и координација во спроведување на активностите за претстојните Избори за претседател и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, ја потенцираше потребата од соработка со општините во изборниот процес и неопходноста да бидат обезбедени технички, логистички и просторни услови од нивна страна, со цел Општинските изборни комисии да бидат во можност да ги спроведуваат изборните активности.
Потпретседателката на Државна изборна комисија, Дитмире Шеху, побара од ЗЕЛС поддршка околу прашањето за пристап на лицата со попреченост кон избирачките места односно да се има во предвид пристапноста до избирачките места од секој аспект како тие би можеле непречено да го остварат своето право на глас.
На координативниот состанок претставниците на ДИК и ЗЕЛС разговараа и за безбедноста на избирачките места при процесот на носење и складирање на изборните материјали на ден пред изборите.
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски ја искажа својата посветеност и подготвеност заедно со Државната изборна комисија да бидат обезбедени сите просторно- технички услови, со цел изборите да бидат организирани според сите меѓународни стандарди во фер, демократски и инклузивен процес.
.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА