Во седиштето на Државната изборна комисија, се одржа средба помеѓу членовите на Државната изборна комисија и претставниците на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, во врска со Изјавата со прелиминарни наоди и заклучоци во однос на вториот изборен круг и денот на Изборите за избор на Претседател на Републиката 2019 година, кои се одржаа на 5.5.2019 година.
Имено, на средбата се дискутираше за забелешките и препораките од страна на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за овој изборен циклус, како и за значително позитивните преземени активности од страна на Државната изборна комисија за фер и демократски избори, што подразбира: транспарентност во целиот изборен процес, зајакнување на капацитетите на изборната администрација и законска рамка за успешно спроведување на изборите, со што се покажа демократскиот капацитет на државата.
Истовремено, по однос на препораките се дискутираше за сите недостатоци кои беа детектирани, а особено поврзани со недоследноста на законската рамка, за кои Државната изборна комисија потврди. Заради потребата од нивно надминување и решавање, во периодот кој следува Државната изборна комисија информираше дека токму тоа ќе биде приоритет за работа.
Двете страни се заблагодарија за меѓусебната отворена соработка и транспарентност и се согласија истата да ја продолжат и понатаму.