Во седиштето на Државната изборна комисија се одржа средба помеѓу членовите на Државната изборна комисија и Претставници на Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР, на чело со Шефот на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, Тана де Зулета.
Се разговараше за сите аспекти од изборниот процес и за сите чинители и учесници во истиот. Претставниците на Мисијата на ОБСЕ/ ОДИХР беа заинтересирани за начинот и активностите кои ги презема Комисијата како одговор на промената на законската рамка, непосредно пред распишувањето на Предвремените парламентари избори, 2020 година.
Направени се неколку изменувања и дополнувања на Изборниот законик, вклучувајќи ги: можноста потписите на избирачите во постапката на кандидирање да се собираат покрај службените лица на Државната изборна комисија и пред нотар, гласање во посебни установи за вонсемејна грижа, предвиден е нов Пилот – проект за нов метод на идентификување на гласачите, во Избирачкиот список ќе бидат сите граѓани кои на денот на изборите имаат 18 години, без разлика дали имаат важечки лични документи, при што правото на глас ќе може да го остварат само оние граѓани кои имаат важечки лични документи на денот на гласањето. Друга новина за овие избори е дека по приговорите за заштита на личното избирачко право ќе одлучуваат општинските изборни комисии, додека пак по другите приговори во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето ќе одлучува Државната изборна комисија, која согласно новите законски измени ќе може да обезбедува и прибира докази.
Понатаму, претседателот на Државната изборна комисија ги информираше Претставниците на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, за важноста за континуирана задолжителна обука на изборната администрација, како и за резултатите кои овие обуки ги имаа на претходните избори.
Особен фокус на средбата имаше и прашањето за начинот на распределба и користење на финансиските средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија, за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските поратли (Интернет порталите) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната капмања.
Исто така, Државната изборна комисија информираше дека со помош на грант обезбедена е опрема за комплетна заштита на информацискиот систем на Државната избирна комисија.
По однос на поголема транспарентност и со цел граѓаните да бидат навремено информирани за резултатот од гласањето на денот на изборите, во тек е набавка на нова апликација за прибирање на резултати, преку која ќе се овозможи побрза објава на првични резултати од гласањето, како и објава на излезеност на гласачите, со што оваа година Државната изборна комисија ќе ги објавува на секои два саати.
Претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, укажаа дека нивната задача е набљудување на изборите, од кое ќе дадат извештај и следни препораки за понатамошните избори.
Двете страни се заблагодарија за меѓусебната отворена соработка и транспарентност и се согласија истата да ја продолжат и понатаму за успешно реализирање на Предвремените парламентарни избори 2020 година.