Дезинформациите и шпекулациите кои се шират низ медиумите во однос на доверливиот изборен материјал за наводно осумдесет илјади пробни испечатени гласачки ливчиња, Државната изборна комисија ги демантира во целост.
Државната изборна комисија има целосна контрола врз целиот изборен процес, а особено врз печатењето на доверливиот изборен материјал.
Државната изборна комисија ги известува сите граѓани дека изводите од Избирачкиот список се испечатени, проверени, потврдени и потпишани од сите членови на Државната изборна комисија. Исто така, испечатени се и гласачките ливчиња и се пакуваат за достава до надлежните општински изборни комисии во наредните денови.
Воедно сакаме да ве информираме дека во текот на утрешниот ден во просториите на Државната изборна комисија ќе се спроведе гласањето на членовите на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во дипломатско конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА