Државната изборна комисија информира дека теренските проверки на Избирачкиот список се спроведуваат во согласност со определената динамика. Над 550 анкетари во сите 80 општини на територијата на Република Македонија, почнувајќи од 28 март непрекинато работат во периодот од 8:30 до 19:00 часот. Теренските проверки во сите подрачни одделенија на Државната изборна комисија се во завршна фаза.

Државната изборна комисија во моментов е фокусирана на внес и обработка на податоците од анкетните прашалници во единствената електронска апликација. Се прават напори сите податоци да бидат на време внесени и соодветно обработени.

Државната изборна комисија истакнува дека информациите кои се појавија во определени медиуми, а кои се однесуваат на наводно намерно кочење на процесот на теренски проверки, се невистинити. Сите членови на Државната изборна комисија и нејзината Стручна служба се целосно посветени теренските проверки навремено да бидат завршени.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content