Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко и членовите на Државната изборна комисија се сретнаа со претставници на ОДИХР како дел од нивната агенда за средби со сите релевантни чинители во организирање и спроведување на изборите во Северна Македонија.

На состанокот, членовите на ДИК разговараа со претставниците на ОДИХР за Извештајот на меѓународната набљудувачка мисија за изборите во Република Северна Македонија, за претседателските и парламентарните избори 2024. Преку анализа на делови на Извештајот кои се однесуваат на работата на ДИК и изборните органи беше констатирано дека нема конкретни препораки за работата на ДИК односно дека изборите се спроведени законито и транспарентно и како што е констатирано и во Извештајот, изборната администрација уживаше доверба во јавноста за нејзината работа и капацитет. Констатирано беше дека препораките се однесуваат на системски слабости на изборната регулатива за што како и досега, ДИК активно ќе се вклучи во процесот за подобрување на на Изборниот закон и ќе се залага за целосна имплементација на препораките од Извештајот.

Присутните претставници се согласија дека како основа за понатамошна соработка треба да се земат предвид согледувањата за имплементација на препораките на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР и во континуитет да се вложуваат напори за развој на изборниот процес.

Двете страни заклучија дека претседателските и парламентарните избори беа успешно спроведени и изразија благодарност за меѓусебната соработка и отвореност за развивање на изборниот процес во иднина.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content