На 12 октомври 2023 година, во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со поддршка на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР), беше промовиран Кодексот за однесување во онлајн просторот за време на изборни процеси и референдуми.
На настанот свои видувања за Кодексот, а во име на Државната изборна комисија (ДИК), изложи Борис Кондарко, член на ДИК.
„Доаѓањето на дигиталната ера го револуционизираше начинот на кој општествата се занимаваат со политика и избори. Онлајн платформите, социјалните медиуми и дигиталната комуникација станаа суштински алатки за политички кампањи, ангажирање на гласачите и ширење информации.
Иако е важно регулирањето на онлајн просторот за време на изборите, од суштинско значење е да се одржуваат принципите на слободата на говорот. Постигнувањето на вистинската рамнотежа помеѓу заштитата на изборниот интегритет и заштитата на демократските вредности е деликатна задача. Сите како институции треба да мора да гарантираме дека регулативите се приспособени за да се справат со конкретни закани без да го задушат легитимниот политички дискурс.
Предизвикот за сите нас лежи токму во изнаоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу регулативата и слободата на говорот, обезбедувајќи изборите да останат фер, транспарентни и со доверба од електоратот.“ – посочи Кондарко.
На настанот беше презентиран и начинот на функционирање и улогата на Координативното тело кое ќе го следи почитувањето на начелата и стандардите посочени во Кодексот од страна на политичките партии, нивните кандидати, независните кандидати, интернет изданијата на радиодифузерите, онлајн медиумите, проверувачите на факти, инфлуенсерите и други субјекти кои можат да извршат влијание врз јавноста во функција на кампања за време на избори или референдуми.
Кодексот е изготвен на иницијатива на АВМУ во соработка со релевантните институции од областа – Здружението на новинари на Македонија, Македонскиот институт за медиуми, Советот за етика во медиумите, Институтот за комуникациски студии и Фондацијата Метаморфозис. Принципите и стандардите пропишани во Кодексот се од етичка природа, поради што неговото почитување е на доброволна основа, со потпишување Пристапница.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА