Денес, во организација на Државната изборна комисија,  вкупно десет претставници на подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе учествуваат на претстојните парламентарни избори го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори.

Со потпишување на овој Кодекс, потписниците се обврзаа и ветија дека ќе се придржуваат и активно ќе го промовираат кодексот како етички чин кој ќе го почитуваат при своите настапи во изборниот процес.

На церемонијата се обратија претседателот на Државната изборна комисија, проф. д-р Александар Даштевски и потпретседателката Дитмире Шеху.

Претседателот Даштевски порача дека со потпишувањето на овој кодекс се испраќа порака за фер и демократско однесување, почитување на законите, правилата и прописите и почитување на владеење на правото при организирање и спроведување на изборите.

„Кодексот за фер и демократски избори е потврда за демократскиот капацитет на сите учесници во изборите, за демократскиот развој на нашето општество но и можност сите заедно да се обврземе на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците  испраќаат порака за фер и демократско однесување, почитување на сите закони, правила и прописи и почитување на владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите.  Овој чин претставува израз на волја да се зачува интегритетот на изборниот процес, да се придонесе во развојот на демократските вредности и изборните стандарди.“ – кажа во обраќањето Даштевски.

Седум претставници на  подносителите на листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, меѓу кои претставници од коалиција Храбро за Македонија, партија Македонска ера трета, партија Левица, партија Единствена Македонија, партија Демократи, Работничка партија и Родина, не присуствуваа и не го потпишаа Кодексот за фер и декомратски избори.

Потпишување на Кодексот за фер и демократски избори се реализираше согласно чл.8 в ст.1 од Изборниот закон според кој од денот на донесување на одлуката за распишување на избори, политичките партии учесници во изборниот процес, потпишуваат Кодекс за фер и демократски избори.

Чинот на потпишување на Кодексот се одржа во Собранието на Република Северна Македонија и на истиот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор во државата, меѓународни организации, претставници на медиумите и политичките партии.

.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content