МИСИЈА И ВИЗИЈА НА ДРЖАВНАТА ИЗБОРНА КОМИСИЈА
САМО ИЗБОРИ КОИ ИМААТ КРЕДИБИЛИТЕТ И ГИ ПОЧИТУВААТ ПРИНЦИПИТЕ НА ДОБРО ВЛАДЕЕЊЕ ПРИДОНЕСУВААТ ЗА ДЕМОКРАТСКИ РАЗВОЈ НА ОПШТЕСТВОТО
Државната изборна комисија со успешно спроведување на изборите го поставува фундаментот на демократијата и придонесуваме за зголемена доверба во изборниот систем на Република Северна Македонија.
ДИК вложува континуирани напори да претставува пример и да ја одржува својата репутација за независност, непристрасност, одговорност и професионалност во работењето. ДИК e подготвен да организира и спроведува избори и референдум кои ќе бидат во согласност со универзалните демократски норми секогаш кога тоа ќе биде потребно. Притоа се определивме да го следиме принципот на изборен циклус и во исто време работиме на зголемување на организациските капацитети и вештини на изборната администрација се со цел да се зголеми ефикасноста и ефективноста на нашето работење. Овој стратешки план е резултат на заедничките напори и долготраен процес на консултации со стручната служба и сите останати изборни органи, вклучувајќи ги и сугестиите од повеќе домашни и
меѓународни институции како и препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Вистински предизвик претставува процесот на спроведување на стратешките цели и определби и тој процес вклучува и блиска соработка со другите надлежни државни органи. Со ова ДИК повикува на посветеност и соработка со сите чинители, државните органи, политичките партии, претставниците на граѓанското општество и сите граѓани на Република Северна Македонија. Притоа сме отворени за сите сугестии и помош од сите добронамерни домашни и меѓународни организации. Во оваа прилика како членови на ДИК сакаме да се заблагодариме на сите кои помогнаа за изработка на Стратешкиот план, сите кои континуирано ја помагаат работата на ДИК како и на оние кои напорно и посветено ќе работат на спроведување на планираните активности.
Мисија
Државната изборна комисија гарантира еднакво, општо и непосредно избирачко право, кое се остварува на слободни избори со тајно гласање и обезбедува рамноправни услови за сите учесници во изборниот процес. Државната изборна комисија преку успешно спроведување на изборите го поставува фундаментот на демократијата и придонесува за зголемена доверба во изборниот процес и демократизација на институциите на Република Северна Македонија.
Визија
Државната изборна комисија како стручна, професионална и независна институција, во своето работење се раководи согласно Уставот, законите и општоприфатените меѓународни стандарди, конвенции и добрите практики во изборите. Во чекор со светските текови, ДИК воведува нови технологии за унапредување на изборниот процес. Преку ефикасно и ефективно спроведување на изборниот процес, ДИК обезбедува сите чинители во изборниот процес да имаат еднаков пристап до остварување на своите избирачки права.