Во организација на Советот на Европа – Оддел за избори и партиципативна демократија, на крајот на месец ноември во Стразбур се одржа меѓународна конференција на тема „Улогата на центрите за обука за избори“ во подобрувањето на изборните процеси и изборите.
Во текот на Конференцијата, говорниците и учесниците, меѓу другото, ги споделија своите искуства и најдобри практики, разговараа за тоа како би можеле да бидат структурирани центрите за обука за избори, која е нивната улога, мисија и ресурси. Тие, исто така, разговараа и за важноста и влијанието на обуките врз изборната средина и културниот развој, како може да се спроведат политиките за обука, главните предизвици, глобалните трендови и технологии во изборниот процес, како и размена на главните перспективи за зајакнување на соработката на овие полиња меѓу земјите-членки на Советот на Европа.
Државната изборна комисија учествуваше на оваа Конференција преку своја претставничка. На панел сесија претставничката на ДИК го презентираше напредокот на Државната изборна комисија во последните две години, во насока на формирање на центар за обуки за избори. Преку презентацијата таа даде осврт на целокупниот процес, почнувајќи од реализацијата на студијата за изводливост, преку патоказот и акцискиот план, изготвувањето на сите потребни документи, па се до поднесувањето на предлог-измените на Изборниот законик, со кои се предвидува формирање на ваков центар.
Изборните органи играат клучна улога во обезбедувањето на правилно функционирање на демократските институции. Почитувањето на принципите на независност, интегритет, транспарентност и ефикасност е од клучно значење за нив, заедно со обезбедувањето професионална обука за членовите на изборната администрација и другите засегнати страни вклучени во изборниот процес. Ова беше истакнато и а време на четвртиот Самит на Советот на Европа, каде шефовите на држави ја нагласија потребата од враќање на довербата во изборните процеси и спроведување на избори според меѓународни стандарди.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА