Државната изборна комисија ги известува радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали), кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за Избори за Претседател на Република Северна Македонија во 2024 година, дека се должни да се регистрираат во Државната изборна комисија, во рок од 3 дена од денот на распишување на изборите.

Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) доставуваат „Барање за упис во регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија во 2024 година“ до Државната изборна комисија, задолжително со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена.

Барањата за упис со прилог тековна состојба се поднесуваат електронски на следната електронска адреса: [email protected] или во архивата на ДИК на бул.„Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје (најдоцна до 24:00 часот на 17 февруари 2024 година).

Врз основа на поднесените барања за упис, Државната изборна комисија ќе изготви „Регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија во 2024 година“ кои ќе даваат услуги на платено политичко рекламирање за време на Изборите за Претседател на Република Северна Македонија во 2024 година. Регистарот со уредно поднесени и прифатени барања за упис во регистар на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избори за Претседател на Република Северна Македонија во 2024 година ќе биде јавно објавен на интернет страната на Комисијата.

Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) се должни во рок од пет дена од денот на распишувањето на изборите да утврдат ценовници за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес (најдоцна на 19 февруари 2024 година до 24:00 часот).

Радиодифузерите и печатените медиуми се должни ценовниците за секој медиум одделно за платено политичко рекламирање да ги применуваат и за време на изборната кампања и притоа просечната цена (аритметичка средина) по секунда за едно деноноќие добиена според различните ценовно-рекламни временски периоди и тоа: Период 1 – од 00:00 до 08:00 часот, Период 2 – од 08:00 до 16:00 часот и Период 3 – од 16:00 до 24:00 часот кај радиодифузерите за платено политичко рекламирање, како и цената за закуп на рекламен простор во печатениот медиум да не ја надминува вкупната просечна цена на рекламирање на секој радиодифузер одделно пресметана во последните пет изминати изборни циклуси одржани на ниво на цела територија на државата и тоа за Изборите за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје во 2021 година, Предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија во 2020 година, Изборите за Претседател на Република Северна Македонија во 2019 година, Локалните избори во 2017 година, Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија во 2016 година, а за електронските медиуми (интернет порталите) цената за закуп на рекламен простор на интернет порталот за платено политичко рекламирање да не ја надминува просечната цена за рекламирање пресметана, за последните пет изминати изборни циклуси.

За Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) кои не учествувале на сите изминати 5 изборни циклуси цената за платено политичко рекламирање не може да ја надминува просечната цена на рекламирање пресметана во последните пет изминати изборни циклус согласно Упатство за начинот и постапката за потврдување на просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање за радиодифузер, печатени медиуми и електронски портали (интернет портали) кои не учествувале на последните пет изборни циклуси донесено од страна на Државната изборна комисија со бр.08-441/1 од 14.02.2024 година.

Државната изборна комисија е должна да ги потврди и објави на нејзината веб страна доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдено од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми (интернет порталите), согласно член 75-ѓ став (3) и (9) од ИЗ, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците утврдени во ставот (3) на овој член.

Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето.

Архивата на Државната изборна комисија ќе работи на прием на барања за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) на ден 17.02.2024 година (сабота), до 24:00 часот.

Упатство за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко рекламирање за радиодифузери, печатени медиуми и портали кои не учествувале во последните пет изборни циклуси

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content