На седницата ДИК врз основа на оригиналните записници за сумирање и утврдување на резултати доставени од избирачките одбори и општинските изборни комисии, утврди дека од вкупно запишаните 1.814.317 гласачи во Избирачкиот список, гласале вкупно 905.971 граѓани, односно 49.9 %. Во првиот круг на Претседателски избори 2024 година, бројот на неупотребени гласачки ливчиња е 908.384, бројот на важечки гласачки ливчиња е 881.376, а бројот на неважечки гласачки ливчиња е 24.562.
ДИК информираше дека постапила по добиените приговори кои се однесуваат на постапката за гласање. Усвоените приговори се однесуваат на запишување во Избирачкиот список на денот на гласање. Од друга страна ДИК дел од приговорите ги одби поради неколку причини: поништување на живеалиште, одземена деловна способност, неважечки лични документи за идентификација, лица кои немале постојано живеалиште и се запишани во посебните изводи на Избирачкиот список. Оние приговори кои не биле уредно доставени ДИК ги отфрли.
ДИК на гласањето по листите за кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, во законски утврдениот рок, ги објави следните првични резултати:
Стево Пендаровски: 180500.
Гордана Сиљановска-Давкова:363086.
Стевчо Јакимовски:8121.
Бујар Османи: 121088.
Билјана Ванковска-Цветковска: 41331.
Арбен Таравари: 83393.
Максим Димитриевски: 83856.
Подносителите на листа на кандидати имаат право да поднесат приговор до ДИК за постапката на гласање, во рок од 48 часа по завршување на гласањето, а приговорите кои се однесуваат на постапката за сумирање и утврдување на резултатите се поднесуваат во рок од 48 часа од објавување на првичните резултати.
Рокот за поднесување на приговори во постапката за гласање истекува на 26 април 2024 година (петок, во 19 часот), а рокот за поднесување на приговори кои се донесуваат на постапката за сумирање и утврдување на резултати истекува на 27 април 2024 година (сабота во 19:00 часот).
ДИК е должна во рок од 72 часа по приемот на приговорот да донесе одлука.
Против одлуката на ДИК подносителот на приговорот може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.
Истовремено, ДИК информираше дека во текот на денот имаше прекин на гласањето на три избирачки места, 1075, 1100, 1090 во Куманово, и бидејќи прекинот траел повеќе од 3 часа, ДИК согласно член 151 став (1) алинеја 3 од Изборниот законик, со решение го поништува гласањето на гласачкото место, но бидејќи вкупниот број на запишани гласачи во овие избирачки места нема влијание на вкупните резултати, гласањето нема да се повтори.
Исто така, бидејќи согласно член 151 став (1) алинеја 1 избирачките одбори не го спроведувале гласањето на начин утврден со овој законик, а неправилностите влијаеле на постапката за гласање или постапката за сумирање и утврдување на резултатите, ДИК со решение го поништува гласањето во гласачкото место, а од увидот во записниците од овие три ИМ е утврдено дека ИО не постапувале согласно упатствата на ДИК, истите се разрешуваат.
Дополнително на тоа се задолжува стручната служба на ДИК да утврди дали има основ за постапување и по член 177 б од Изборниот законик, во однос на утврдување на одговорност на работата на членовите и нивните заменици во овие избирачки одбори.
Всушност, тоа е генералната порака на ДИК за вториот круг избори особено поради фактот дека од страна на ДИК се обезбедени прирачници, обуки и сите потребни услови за непристрасно, професионално работење на ИО и следствено на тоа ДИК нема да толерира неправилно и незаконско работење.
Со оглед на тоа дека на 8 мај 2024 година ќе се спроведуваат два вида на избори и поради тоа ќе биде потребна максимална посветеност и професионалност на избирачките одбори, за поефикасно работење и во интерес на законитоста на изборниот процес и избегнување на грешки, а со цел да се подобри организацијата на ИО, на гласањето на 8 мај 2024 година ДИК одлучи ИО да го спроведува гласањето со седум членови или заменици од ИО, односно:
- Лице кое врши идентификација на гласачите (лична карта или патна исправа),
- Лице кое ракува со УБИГ кое потребно е најпрво задолжително да праша за кој вид на избори граѓаните сакаат да гласаат, дали за парламентарни или претседателски избори, или за двата вида на избори и тоа соодветно да го нотификува во УБИГ, со што да се напомене дека граѓаните потоа НЕМА да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и претходно не го искористиле даденото право на избор.
- Лице кое ќе ракува само со ИС за Претседателски избори и ќе го контролира потпишувањето на гласачите во ИС
- Лице кое ќе ракува само со ИС за Парламентарни избори и ќе го контролира потпишувањето на гласачите во ИС
- Лице кое ќе биде задолжено само за гласачките ливчиња за Претседателски избори, ќе ги издава и на нив ќе става печат
- Лице кое ќе биде задолжено само за гласачките ливчиња за Парламентарни избори, ќе ги издава и на нив ќе става печат
- Лице кое ќе биде одговорно за проверка односно за обезбедување на тајноста на гласањето зад параванот и гласачката кутија, односно правилно ставање на гласачките ливчиња во гласачката кутија.
ДИК апелираше до ИО и ОИК да продолжат да ги почитуваат законите и Изборниот законик, упатствата и правилниците донесни од ДИК, со цел успешно спроведување на изборите и сите задолжително да учествуваат на дополнителните обуки кои ќе бидат спроведени од сертифицираните обучувачи за едукација на изборните органи.
ДИК се заблагоради на сите членови на ИО и ОИК за нивниот ангажман и работа во спроведувањето на првиот круг на Претседателски избори 2024 година.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА