На седницата Државната изборна комисија ја донесе Одлуката за дополнување на Годишниот план за јавни набавки по програма 21 (за потребите на Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија) како и Изменувањето и дополнувањето на Одлуката за утврдување на потреба од формирање на помошни тела на Државната изборна комисија за спроведување на Избор за Претседател на Република Северна Македонија и Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година и на 8 мај 2024 година, за потребите на Комисијата за непречено функционирање на изборниот процес.
Понатаму, Комисијата го дополни Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за избор на претседател на Републиката (бр.08-528/1 од 17.2.2024 година), со што кандидатот за претседател може да овласти друго лице кое истовремено ќе биде и овластен претставник на подносител на листа за претседател, кој ќе може во негово име и за негова сметка да ги презема неопходните дејствија согласно Изборниот законик пред изборните органи и други надлежни државни институции, а поврзани со постапката за организација на Изборите за Претседател на Републиката, а врз основа на ова генерално овластување кандидатот за претседател може да го овласти истото лице да може во име и за сметка на кандидатот за претседател да овластува и други лица за преземање на определени дејствија во изборниот процес согласно Изборниот законик.
Истовремено, Комисијата го донесе и Упатството за примена на член 112-а од Изборниот законик, за лица со попреченост, со цел на истите да им се овозможи на соодветен начин да влезат, односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас. За истата цел е донесено и Упатството за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид, со кое доколку лицето со оштетен вид одбие да гласа со помош на шаблон и Браева азбука ќе има право да побара од избирачкиот одбор да гласа со помош на друго лице.
Државната изборна комисија го донесе и Упатството за работата на Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, кое ги уредува и разработува нивните обврски и процедури за работа во рамките на нивните законски надлежности.
Понатаму, на оваа седница е донесена и измената на Упатството за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, во кое како критериум за избор е земен пописот на населението од 2021 година, наместо пописот од 2022 година.
Исто така, на седницата беа разгледувани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање се прифатени од Државната изборна комисија.
Имено, за целта на транспарентноста на изборниот процес, а за олеснување на постапката за кандидирање на кандидати за претседател на Републиката и кандидати за избор на пратеници во Собранието во Државната изборна комисија, Комисијата информираше дека на својата веб страница ќе ги објави и донесените акти на Централниот регистар на Република Северна Македонија, во кои е уредена целокупната постапка за обезбедување на единствен даночен број и трансакциска сметка со назнака „за изборна кампања“.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА