На седницата Државната изборна комисија одлучуваше по поднесените Листи за кандидат за претседател на Република Северна Македонија 2024 година. Имајќи предвид дека Листите на кандидати беа поднесени согласно законски утврдените услови и во законски утврдениот рок Комисијата ги потврди Листите за кандидати за претседател на Република Северна Македонија 2024 година по редоследот на нивното доставување во Државната изборна комисија, со што на Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година ќе учествуваат следните кандидати:
– Стево Пендаровски
– Стевчо Јакимовски
– Максим Димитриевски
– Арбен Таравари
– Билјана Ванковска – Цветковска
– Бујар Османи и
– Гордана Сиљановска Давкова.
Истовремено, на седницата беше донесено Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за изборите за претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои Државната изборна комисија ги издава како исправа за идентификација.
Исто така, Државната изборна комисија, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на ОБСЕ/ОДИХР, издаде 34 овластувања за набљудување.
Врз основа на тоа ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА