На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:
Со новите законски измени за оние радиодифузери и печатени медиуми кои претходно не се регистрирани во Регистарот на Државната изборна комисија, кои не поднеле барање за упис, пропуштиле рок или не доставиле комплетна документација, беше определен нов рок до 19 септември 2021 година во кој истите можеа да поднесат ново барање и да се регистрираат. Радиодифузерите кои се веќе регистрирани и оние кои што дополнително доставија барања за регистрирање, беа должни да достават и нови ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од измените од Изборниот законик, во истиот рок најдоцна до 19 септември 2021 година, до 24:00 часот. Државната изборна комисија е должна да ги потврди и да ги објави на веб страницата доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдени од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми (интернет портали) согласно член 75ѓ став 3 и став 9 од Изборниот законик, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците. Согласно тоа Државната изборна комисија навреме го усвои Изменувањето и дополнувањето на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали), со дадено укажување на седницата, дека медиумите кои биле известени, а кои сеуште не извршиле корекција на ценовниците во наведенот рок, ќе го изгубат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање. Државната изборна комисија ваквото известување го објави бидејќи роковите до почетокот на изборната кампања се кратки, а во исто време е потребно политичките партии да склучуваат договор со сите оние радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) кои се регистрирани во Регистарот.
Понатаму, Државната изборна комисија ја донесе Одлуката по неколку поднесени барања од страна на политички партии согласно член 49-а став 2 од Изборниот законик, за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список.
Државната изборна комисија пристапи кон ждрепка и утврдување на распоредот на подносителите на листите на кандидати на гласачкото ливче, на подоцна доставените листи на кандидати, за група избирачи.
Истовремено, Државната изборна комисија го разгледа Барањето од вработени во Секторот за Избирачки список, за Комисијата да заземе став по однос на прашањето на граѓани кое се однесува на прераспоредување на гласачи од Општина Бутел во Општина Чучер Сандево и истото со мнозинство гласови не го прифати.
Исто така, на седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА