На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Согласно веќе донесената Анализа на ризик во Државната изборна комисија беше усвоена Политиката за воспоставување на систем за заштита на личните податоци, со која се уредува начинот и постапката како се обработуваат личните податоци, со цел да се почитуваат обврските за заштита на личните податоци, имајќи предвид дека Државната изборна комисија се јавува како контролор и обработувач на лични податоци, а посебно во време на изборен процес. Повразно со оваа Политика, беа донесени Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци; Правилникотза определување на обврските и одговорностите на администраторот на информацискиот систем и на овластените лица во Државна изборна комисија; Правилникотза начинот на правење сигурносна копија, архивирање и чување, како и за повторно враќање на зачувани лични податоци во Државна изборна комисија, Правилникотза начинот на уништување на документите, како и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Државна изборна комисија и Правилникот за пријавување, реакција и санирање на инциденти во Државна изборна комисија.

Поради состојбата со Коронавирусот лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на COVID-19 или лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, своето право на глас ќе го остварат еден ден пред денот определен за одржување на изборите. За таа цел беше донесено Упатството за пријавување и гласање на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид 19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. Конкретно, новина е рокот на пријавување кој е определен на пет дена пред денот на изборите, како и обврската на општинските изборни комисии по службена должност да прибавуваат податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со што се олеснува процедурата за граѓаните да не треба самите да ја доставуваат потребната документација. За спроведување на ова гласање Државната изборна комисија го донесе и Правилникот за избор и формирање на посебните избирачки одбори, со кој Државната изборна комисија ќе формира посебни избирачки одбори, составени од тројца здравствени работници, при што и партиите имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор.

Понатаму Државната изборна комисија го донесе Упатството на општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје за обезбедување, чување, ракување и дистрибуција на изборниот материјал, со кое согласно член 31 став 2, точка 14 и 14а, Државната изборна комисија го предава, прима и чува изборниот материјал од и на општинските изборни комисии и изборната комисија на Градот Скопје. Исто така со ова Упатство се дефинира доверлив и недоверлив изборен материјал и се пропишуваат конкретните процедури за негово чување и транспорт од страна на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и избирачките одбори. Во склоп на ова Упатство и за спроведување на предавањето на изборниот материјал од и на Државната изборна комиисја, општинските изборни комисии, изборната комисија на Градот Скопје и избирачките одбори, согласно Изборниот законик, Државната изборна комисија ги донесе и обрасаците: 18в, 18г, 18д, 31б,31 в, 31 г, 31д, 19 г , 19д, 20б, 20 в и 22.

Истовремено, беше донесено и Упатството за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко рекламирање за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) кои сакаат да го искористат правото на учество во платеното политичко рекламирање и да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за претстојните Локални избори 2021 година.

Понатаму од страна на Државната изборна комисија беше спроведена ждрепка и утврдување на распоредот на подносителите на листите на кандидати на гласачкото ливче за избори за членови на совет на општина и членови на совет на Град Скопје и градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје, како и ждрепка за доделување на локации на рекламни паноа и билборди за политичко рекламирање за изборната кампања.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content