На седницата на Државната изборна комисија која се одржа на 17 август 2021 година, беше презентирана новата веб страница на Државната изборна комисија, како дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“ на Швајцарската амбасада, Швајцарската агенција за развој и соработка-СДЦ, имплементиран од ИФЕС – Интернационална фондација за изборни системи и Националниот младински сојуз на Македонија. Веб страницата ќе има поедноставен приказ на содржините кои ќе бидат систематизирани во области и тоа: гласачи, учесници во избори, медиуми и изборни органи, како и дополнителни пристапни алатки кои ќе го олеснат пристапот и прегледот на содржините на гласачите со попреченост. Дизајнот ќе овозможи брз и едноставен пристап на сите заинтересирани околу изборниот процес.
На седницата се усвои Јавниот повик за проверка на податоци во Избирачкиот список за Локалните избори за членови на советите на општините и советот на Град Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје, 17 октомври 2021 година кој ќе започне на 21 август 2021 година и ќе трае до 9 септември 2021 година. Сите граѓани кои ќе сакаат да извршат увид во Избирачкиот список тоа ќе може да го направат по електронски пат на веб страницата на Државната изборна комисија izbirackispisok.gov.mk или на sec.mk, како и лично во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.
Согласно член 50 став 2 од Изборниот законик, граѓаните за време на траењето на Јавниот увид, барањата за запишување, бришење и дополнување на податоците во Избирачкиот список можат да ги поднесуваат по електронска пошта до Државната изборна комисија, за која цел беше донесено Упатството за постапување при прием на барања за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список по електронски пат во Државната изборна комисија.
Истoвремено, беше усвоен Стратешки план за ИТ кој ги дефинира активностите кои треба да се извршат за комплетно спроведување на ИКТ стратегијата на Државната изборна комисија 2021-2024 година.
На седницата беа донесени и Одлуката за доделување на средства за општинските изборни комисии за спроведувње на избори за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје, 17 октомври 2021 година, во однос на тековни трошоци кои што настануваат во врска со спроведување на изборните активности и Одлуката за доделување на авансни средства на подрачните одделенија и канцеларии за обиколка и обезбедување на избирачките места и за обезбедување на средства за заштита од COVID-19.
Исто така на седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА