На 75-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 9 јули 2020 година, беа одобрени барањата за акредитација доставени од страна на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Босна и Херцеговина во Скопје, Амбасадата на Косово, Амбасадата на Италија, Германската амбасада, Институтот за економски стратегии и меѓународни односви – Охрид, Франс Пресс, Радиотелевизија Косово, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА и Турска радиотелевизија.
По доставениот Приговор за прекршување на одредбите од Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси од подносителот ВМРО- ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, преку Државната комисија за спречување на корупцијата, беше едногласно одлучено дека не постои законски основ Комисијата да одлучува по истиот.
На седницата, беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација и следствено на тоа веднаш беше спроведен избор на претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.
Имајќи предвид дека рокот за пријавување за гласање на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, како и болни и немоќни лица, беше до 8 јули 2020 година, до 24:00 часот, Комисијата информираше дека вкупниот број на пријавени лица за гласање кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација е 742, а вкупниот број на пријавени лица за гласање како болни и немоќни е 9465. Меѓутоа, конечниот број на лица кои ќе го остварат правото на глас ќе биде дефиниран откако општинските изборни комисии ги прегледаат сите доставени барања и одлучат по истите, во смисла дали ги исполнуваат условите кои беа пропишани од страна на Државната изборна комисија.
Државната изборна комисија информираше дека во тек е дезинфекција на сите избирачки места и истата ќе заврши во определениот рок, со што на терен активно се спроведуваат сите препораки и мерки за заштита од Коронавирусот, со цел да се обезбеди целосна здравствена заштита за сите учесници во изборниот процес.
Истовремено, Државната изборна комисија ја изврши распределбата на недоверливиот изборен материјал до општинските изборни комисии, а во текот на утрешниот ден, со асистенција на Министерството за внатрешни работи Државната изборна комисија ќе го предава доверливиот изборен материјал до сите општински изборни комисии.