На 73-та седница на Државната изборна комисија која се одржа на 1 јули 2020 година, во седиштето на Државната изборна комисија, беа усвоени Записникот од 71-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 25 јуни 2020 година и Записникот од 72-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 28 јуни 2020 година.
Согласно член 52 од Изборниот законик, Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници на Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година и Ревидираниот роковник за продолжување на изборните дејствија за спроведување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, донесен од Државната изборна комисија, на седницата беше заклучен Избирачкиот список, по спроведените промени од Јавниот увид во Избирачкиот список и спроведената организационо – техничка и методолошка обработка од страна на надлежните институции, со следната состојба:
- Вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список е 1.814.263, од кои:
- Во изводите од Избирачкиот список се запишани 1.729.189 гласачи;
- Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои се на привремена работа или престој во странство, се запишани 83.054 гласачи;
- Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор, се запишани 1.657 гласачи;
- Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои се згрижени во установи за вонсемејна грижа, се запишани 357 гласачи и
- Во посебниот извод од Избирачкиот список за лица кои согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се водат како внатрешно раселени лица се запишани 6 гласачи.
Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот на гласање на избирачките места со помалку од 10 избирачи, со кое од вкупно 3480 избирачки места, во 90 избирачки места – на подрачјето на 29 општински изборни комисии се евидентирани помалку од 10 гласачи, со што гласачите од овие избирачки места своето право на глас ќе може да го остварат на најблиското избирачко место со над 10 гласачи, откако претходно ќе бидат известени за местото каде што ќе можат да го остварат своето право на глас.
Исто така, на затворениот дел од седницата, Државната изборна комисија го утврди изгледот на гласачкото ливче за Предвремените избори за пратеници во Собранието на Рапублика Северна Македонија, за 15 јули 2020 година.