Денес, во просториите на Државната изборна комисија се одржа брифинг за новинари. На средбата, членовите на Државната изборна комисија ги презентираа измените на Изборниот законик, ги образложија сите актуелни теми поврзани со претстојните избори и одговараа на поставените новинарски прашања.

Членовите на комисијата детално ги образложија измените и дополнувањата на Изборниот законик меѓу кои е и воведување на Центар за континуирана едукација во Државна изборна комисија со што ќе се обезбеди континуирана обука за изборната администрација, гласачите, учесниците во изборниот процес, овластените претставници на подносителите на листи, медиумите, набљудувачите на изборите и сите заинтересирани кои на било каков начин имаат учество во изборите. Исто така. Центарот ќе изработува истражувања и анализи за потребите и по барање на Државната изборна Комисија.

Со овие измени и дополнувања на Изборниот законик се воведе нов член 173 а со кој се прецизира дека условите за пристапност за сите категории на лица со попреченост до објектите каде што се наоѓаат гласачките места се грижат соодветните институции и органи во чија сопственост се објектите.

Објаснета беше и измената во делот на потребни потписи за кандидирање за пратеници, градоначалник и членови на совет, односно потребно е да се соберат 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за изборната единица односно општината.

Во однос на учесниците во изборната кампања, се додаваат две нови одредби кои се во насока на ограничување на трошењето на средства од трансакциската сметка наменета за изборната камапања. Не смеат да се трошат средства од транскациската смета наменета за изборна кампања од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања. Исто така, од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања,учесниците во изборите имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на нивните потврдените листи на кандидати и изборните програми.

Понатаму, се дорегулираат и допрецизираат одредбите во однос на финансирањето на изборите и доставувањето и објавувањето на извештаите за примени донации на тансакциската сметка за изборна кампања. Во однос на донациите одредбата гласи: “Исто правно лице или исто физичко лице доколку донира средства на жиро-сметка на политичка партија и на трансакциска сметка за изборна кампања на учесникот во изборна кампања, износот на средствата кумулативно на трансакциската сметка за изборна кампања не смее да биде поголем од 3000 евра во денарска противредност за физичко лице или 30.000 евра во денарска противредност за правно лице.“

Со предлог законот се предлага да се одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во случаите кога условот за излезност не е исполнет во првиот круг од изборите за градоначалник, се со цел да се намали ризикот од неуспешни избори.

Измените предвидени во ова законско решение го уредуваат рокот за одлучување на Управниот суд во случај на поднесена тужба за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и на избирачите.

Со преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

На претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ им истекле личните документи од 24.07.2023 година до денот на изборите односно до 24.04.2024 година.

На парламентарните избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите на 08.05.2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content