Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски се обрати на форумот „Граѓанските организации и изборите“ на кој учествуваа претставници на граѓанскиот сектор и претставници од државните институции. Покрај Претседателот Даштевски со поздравни обраќања форумот го отворија и заменичката на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса, Џевахире Прути Зајази, претставник на Швајцарска амбасада во Скопје и Иоана Козма, директорка на ИФЕС во Скопје.
На форумот се дискутираше за предизвиците и можностите за учество на граѓанските организации во изборниот процес, за пречките и решенијата за зголемено учество на недоволно застапените групи во изборниот процес како и за предизвиците и можностите за соработка меѓу граѓанските организации кои застапуваат различни таргет групи и меѓу граѓанските организации и релевантните институции вклучени во изборниот процес.
Претседателот Даштевски изрази благодарност до ОБСЕ мисијата во Скопје и ИФЕС, што ја идентификуваа потребата да се разговара на оваа тема бидејќи ова е добар начин да се споделат искуствата од поминати изборни циклуси и да се вкрстат сознанијата и практиките.
„Ние како институција, години наназад бележиме напредок во обезбедување на услови за непречено остварување на правото на глас на граѓаните од различни категории, лица со попреченост, млади гласачи, жени и различни возрасни категории, гласачи од различна националност, согласно законските надлежности и можности. За таа цел сакам да се заблагодарам и на организациите со кои досега сме имале соработка и заедно сме креирале пракса која од една страна била во согласност со потребите на граѓаните а од друга страна за нас значајно што сме овозможиле напредок во изборниот процес. “ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на форумот.
На крајот од своето излагање, Даштевски апелираше за поголема вклученост на граѓанските организации во креирањето на политиките .
„Имајќи ја предвид нашата заложба за еднаков третман на сите граѓани како и нашата цел за спроведување на фер, слободни и демократски избори, потенцирам дека сме отворени за соработка со сите чинители во изборниот процес.“ рече Даштевски.
Државната изборна комисија беше ко организатор на Форумот „Граѓанските организации и изборите“ заедно со ОБСЕ Мисијата во Скопје и ИФЕС.



ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА