Со цел да обезбеди независно, непристрасно и правично разгледување и одлучување по приговорите Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот и постапката за решавање на приговори кои се во надлежност на Државната изборна комисија, со кое се уредуваат минималните услови за формата и содржината на приговорот, начинот на поднесување и регистрирање на приговорот, начинот на предлагање и проверка на доказите, увидот во избирачкиот материјал, известувањето на подносителот на приговорот и на јавноста, процедурите за анализа и одлучување по приговорите, поништување и повторување на гласањето, постапката за оперативно следење на приговорите и пристапот до базата на податоци, начинот на чување и архивирање на приговорите, документите, изборниот материјал и други прашања од значење за правната заштита на изборниот процес, по однос на приговорите поднесени од избирачите и овластените подносители на листи на кандидати согласно член 69-а, 108-б став 3, 148, 149 ст.2 и 149-а од Изборниот законик, а во врска со член 147, 147-а и член 151 од Изборниот Законик. Во врска со ова посебно беа образложени деловите од Правилникот за начинот на постапување на Државната изборна комисија поради проверка на податоците на уредите за биометриска идентификација на гласачите, што претставува основ за одлучување согласно измените на Изборниот законик.

Податоците за отпечатоците од прсти од Избирачкиот систем кои до Државната изборна комисија ги достави Министерството за внатрешни работи за биометриска идентификација на гласачите на денот на изборите, се чуваат во централен систем инсталиран во Државната изборна комисија. Истите ќе бидат импортирани до уредите за биометриска идентификација на гласачите кои се користат на денот опредлелен за гласање, а по завршувањето на гласовите, уредите се враќаат до општинските изборни комисии а тие ги враќаат до Државната изборна комисија, каде 10 дена по објавување на конечните резултати од изборите се врши трајно бришење на отпечатоците на прсти. За таа цел на седницата беше донесено Упатството за начинот и постапката на чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од Избирачкиот список.

Бидејќи и Локалните избори 2021 година ќе се спроведуваат во услови на пандемија поради Коронавирусот, Државната изборна комисија ги усвои Задолжителните препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес и заклучи истите да ги достави на мислење до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

На седницата беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година поднесени од повеќе организации и амбасади, со што заклучно со денешната седница за овие избори Државната изборна комисија издаде вкупно 1040 акредитации.

Државната изборна комисија спроведе случаен избор за претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.

По однос на пријавувањето за гласање на овие лица, овозможено е покрај постојните начини за пријавување истото да го направат и преку апликацијата https://izolacija.sec.mk.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Избирачите кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачите на кои им е одредена мерка самоизолација со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат, а сакаат да гласаат за тоа ќе ја известат општинската изборна комисија најдоцна 5 дена пред денот определен за гласање.

Со доставување на известувањето до општинската изборна комисија, избирачот преку полномошник или електронски пат (е-маил или преку апликација) согласно Упатството за пријавување и гласање на лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и избирачите на кои им е одредена мерка самоизолација, Општинската изборна комисија по службена должност ги прибира податоците од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за лицата кои се пријавени за гласање.

 Овие лица ќе гласаат во своите домови на 16.10.2021 (сабота).

Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице согласно Упатството за пријавување и гласање на немоќно или болно лице), а сака да гласа, за тоа ќе ја извести  општинската изборна комисија најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање.

Покрај известувањето до општинската изборна комисија лицето треба да достави во оригинал или копија и медицински доказ за болеста и друга документација (наведени во член 1 од Упатството).

Решението за користење туѓа нега од трето лице, општинската изборна комисија го смета за важечко и кога неговата важност истекла во периодот на распишување на изборите до моментот на пријавување.

Кога избирачот известувањето го доставува до општинската изборна комисија по електронски пат (е-маил или преку апликација), потребните документи ги прикачува кон барањето како скенирани прилози .

Овие лица ќе гласаат во своите домови на 16.10.2021 (сабота).

Известувањето може да се поднесе непосредно во ОИК преку полномошник, непосредно или преку полномошник по електронски пат на е-маил адресата на општинската изборна комисија или на Апликацијата за пријавување на немоќни и болни лица и лица кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и на кои им е одредена мерка самоизолација, објавена на веб страната на Државната изборна комисија www.sec.mk.

Едно исто лице може да биде полномошник на најмногу две лица .

Од иста е-маил адреса може да се достават најмногу две известувања.

Известувањето за немоќно или болно лице се доставуваат до општинската изборна комисија  најдоцна на 09.10.2021 година до 24:00 часот.

Известувањето за лице  кое е во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лице на кое му е одредена мерка самоизолацијасе доставуваат до општинската изборна комисија најдоцна на 11.10.2021 година до 24:00 часот.

    Со почит,

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа разгледани Приговорите за предвремено започната изборна кампања, поднесени од анонимен подносител и Алијанса за албанците и алтернатива и истите беа едногласно одбиени како неосновани. Кон приговорите не беа приложени соодветни докази.

Имајќи предвид дека Локалните избори 2021 година ќе се спроведуваат со користење на уредите за биометриска идентификација на гласачите поради што изборниот процес и работата на изборните органи и на изборната администрација е посложена, како и поради зголемените законски надлежности на општинските изборни комисии за локалните избори,  Државната изборна комисија го донесе Правилникот за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на Локалните избори 2021 година, со кој се зголемува надоместокот на овие категории согласно критериумите утврдени во истиот. Членовите на Државната изборна комисија и во овој изборен процес нема да го искористат законското право и нема да земат никаков надоместок.

Понатаму беше донесено Упатството за начинот на гласање на избирачки места со помалку од 10 избирачи.

Согласно член 149 став (1) од Изборниот законик секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во секоја фаза од изборниот процес може да поднесе приговор до општинската изборна комисија и за таа цел Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот и постапката за решавање на приговори во надлежност на општинските изборни комисии.

Бидејќи со законските измени во Изборниот законик се овозможува и запишување на избирач во Избирачкиот список по усвоен приговор за заштита на личното избирачко право, додека процесот на гласање е во тек, Државната изборна комисија оваа процедура ја пропиша во Посебно упатство за процедурата за остварување на избирачкото право на избирачот кој на денот на гласање ги исполнува законските услови да биде запишан во избирачкиот список, со Прилог посебен образец за запишување на избирач во избирачкиот список на денот на гласањето, како составен дел на Упатството.

Државната изборна комисија ги донесе обрасците за медиа планот и извештајот за реализирани услуги за радиодифузери, медиа планот и извештајот за реализирани услуги за печатени медиуми и медиа планот и извештајот за реализирани услуги за електронски медиуми (интернет портали), како и обрасците Број 23-а – приговор за заштита на лично избирачко право, Образец по член 107 од Изборниот законик – Неможност за остварување на гласачкото право, Број 22 а- записник за утврдување на резултати од гласањето за избор на градоначалник на Градот Скопје, Број 22 Б – записник за утврдување на резултати од гласањето за избори за членови на Совет на Градот Скопје, во кој исто се вметнати измените од Изборниот законик.

На седницата беше прифатено Барањето за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година, поднесено од Амбасада на Руската федерација во Република Северна Македонија.

Државната изборна комисија ги извести општинските изборни комисии кои имаат потврдени листи на кандидати согласно член 8 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси да бараат изземање на претседателите при работата во комисиите во делот на одлучување и потврдување на резултатите од гласањето.

Побарано е претседателите на општинските изборни комисии да постапуваат по горенаведениот член од Законот и да не именуваат лица за секретари или заменици секретари спротивно на Законот, а веќе именуваните лица кои се во блиско сродство со претседателите да се разрешат и истовремено сите да потпишат Изјава за непостоење на судир на интереси.

Исто така, Државната изборна комисија донесе Заклучок за задолжување на општинската изборна комисија Центар, која потребно е да подготви и до Државната изборна комисија да достави комплетен Извештај за досегашната работа и начин на постапување по определени активности и напатствија, како и да ги достави сите записници од одржаните седници. Државната изброна комисија побара општинските изборни комисии доследно да го почитуваат Изборниот законик и сите акти и упатства донесени од Државната изборна комисија.

На седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Во врска со примената на одредбите од член 76-д од Изборниот законик кој се однесува на распределбата на финансиските средства наменети за платено политичко рекламирање на политичките партии опфатени во став (5) алинеа 3 од наведениот член, Државната изборна комисија го дава следното

ИЗВЕСТУВАЊЕ

Политичките партии застапени во Собранието кои што се дел од пратеничка група и во Собранието не дејствуваат како независни пратеници, а на Локалните избори 2021 година ќе настапуваат самостојно (како политички партии) со свои кандидатски листи, финансиските средства предвидени во член 76-д став (5), ќе можат да ги користат само во конкретната општина каде ќе настапат самостојно, според вкупниот број на запишани избирачи на територијата на соодветната општина каде имаат свои кандидатски листи, додека распределба на тие средства ќе се изврши по претходен писмен договор согласно член 76-д став (5) алинеа 3 од Изборниот законик.

Дополнително, во врска со одредбите од Изборниот законик кои се однесуваат на исплатата на финансиските средства за платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес, ДИК појаснува дека истите ќе ги исплати согласно одредбите од Изборниот законик и постигнатите писмени договори помеѓу учесниците во изборниот процес што е нивна обврска согласно Изборниот законик.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Упатството за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот, кое е подготвено согласно законските измени во Изборниот законик, во делот каде им се овозможува на гласачите чија важност на документот за лична идентификација истекла од моментот на распишување на изборите до денот на гласање, да може да го остварат правото на глас, правото во делот на заштита на лично избирачко право, односно на граѓанинот на кого ќе му се усвои приговорот, Државната изборна комисија треба да го запише во Избирачкиот спиок и да му овозможи да гласа на избирачкото место и можноста граѓаните да гласаат со патна исправа, согласно измените во Законот за патни исправи, со кој се определува патната исправа како и нејзиниот рок на важност, односно од 31 јули 2020 година до 31 декември 2021 година. Секако, главните дејствија поврзани со утврдувањето на идентитетот на гласачот произлегуваат од новиот начин на идентификација на гласачот, која се базира околу ракувањето со уредот за биометриска идентификација на гласачот, со која ќе ракува претседателот или заменик претседателот на избирачкото место.

Заради успешно спроведување на изборите и олеснување на работата на изборната адимистрација, а и измените во Изборниот законик, на денешната седница беа донесени измените во Прирачникот за едукација на општинските изборни комисии и Прирачникот за едукација на избирачките одбори, со кои навреме се постапува имајќи предвид дека обуките од страна на сертифицираните обучувачи на Државната изборна комисија, започнуваат од наредната недела.

Истовремено, беа донесени и обрасците број 16б, број 16в, број 16г, број 16д, број 21 Б, број 21 В, број 21 г и број 21 д, за постапките за гласање, сумирање и утврдување на резултати од избирачко место и на ниво на општинска изборна комисија.

Исто така, беше донесено Изменувањето и дополнување на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали), со оние радиодифузери и медиуми кои постапија по известувањето од Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија го прифати барањето за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година, поднесено од Меѓународна фондација за изборни системи ИФЕС, Канцеларија на Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Со новите законски измени за оние радиодифузери и печатени медиуми кои претходно не се регистрирани во Регистарот на Државната изборна комисија, кои не поднеле барање за упис, пропуштиле рок или не доставиле комплетна документација, беше определен нов рок до 19 септември 2021 година во кој истите можеа да поднесат ново барање и да се регистрираат. Радиодифузерите кои се веќе регистрирани и оние кои што дополнително доставија барања за регистрирање, беа должни да достават и нови ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од измените од Изборниот законик, во истиот рок најдоцна до 19 септември 2021 година, до 24:00 часот.  Државната изборна комисија е должна да ги потврди и да ги објави на веб страницата доставените ценовници со просечно пресметаните цени утврдени од радиодифузерите и печатените медиуми, како и да ги објави ценовниците со цените утврдени од електронските медиуми (интернет портали) согласно член 75ѓ став 3 и став 9 од Изборниот законик, во рок од 10 дена од истекот на рокот за доставување на ценовниците. Согласно тоа Државната изборна комисија навреме го усвои Изменувањето и дополнувањето на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали), со дадено укажување на седницата, дека медиумите кои биле известени, а кои сеуште не извршиле корекција на ценовниците во наведенот рок, ќе го изгубат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање. Државната изборна комисија ваквото известување го објави бидејќи роковите до почетокот на изборната кампања се кратки, а во исто време е потребно политичките партии да склучуваат договор со сите оние радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) кои се регистрирани во Регистарот.

Понатаму, Државната изборна комисија ја донесе Одлуката по неколку поднесени барања од страна на политички партии согласно член 49-а став 2 од Изборниот законик, за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список.

Државната изборна комисија пристапи кон ждрепка и утврдување на распоредот на подносителите на листите на кандидати на гласачкото ливче, на подоцна доставените листи на кандидати, за група избирачи.

Истовремено, Државната изборна комисија го разгледа Барањето од вработени во Секторот за Избирачки список, за Комисијата да заземе став по однос на прашањето на граѓани кое се однесува на прераспоредување на гласачи од Општина Бутел во Општина Чучер Сандево и истото со мнозинство гласови не го прифати.

Исто така, на седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Согласно веќе донесената Анализа на ризик во Државната изборна комисија беше усвоена Политиката за воспоставување на систем за заштита на личните податоци, со која се уредува начинот и постапката како се обработуваат личните податоци, со цел да се почитуваат обврските за заштита на личните податоци, имајќи предвид дека Државната изборна комисија се јавува како контролор и обработувач на лични податоци, а посебно во време на изборен процес. Повразно со оваа Политика, беа донесени Правилникот за техничките и организациските мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци; Правилникотза определување на обврските и одговорностите на администраторот на информацискиот систем и на овластените лица во Државна изборна комисија; Правилникотза начинот на правење сигурносна копија, архивирање и чување, како и за повторно враќање на зачувани лични податоци во Државна изборна комисија, Правилникотза начинот на уништување на документите, како и начинот на уништување, бришење и чистење на медиумот во Државна изборна комисија и Правилникот за пријавување, реакција и санирање на инциденти во Државна изборна комисија.

Поради состојбата со Коронавирусот лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на COVID-19 или лицата на кои им е одредена мерка самоизолација со решение на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, своето право на глас ќе го остварат еден ден пред денот определен за одржување на изборите. За таа цел беше донесено Упатството за пријавување и гласање на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид 19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. Конкретно, новина е рокот на пријавување кој е определен на пет дена пред денот на изборите, како и обврската на општинските изборни комисии по службена должност да прибавуваат податоци од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со што се олеснува процедурата за граѓаните да не треба самите да ја доставуваат потребната документација. За спроведување на ова гласање Државната изборна комисија го донесе и Правилникот за избор и формирање на посебните избирачки одбори, со кој Државната изборна комисија ќе формира посебни избирачки одбори, составени од тројца здравствени работници, при што и партиите имаат право да именуваат член во посебниот избирачки одбор.

Понатаму Државната изборна комисија го донесе Упатството на општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје за обезбедување, чување, ракување и дистрибуција на изборниот материјал, со кое согласно член 31 став 2, точка 14 и 14а, Државната изборна комисија го предава, прима и чува изборниот материјал од и на општинските изборни комисии и изборната комисија на Градот Скопје. Исто така со ова Упатство се дефинира доверлив и недоверлив изборен материјал и се пропишуваат конкретните процедури за негово чување и транспорт од страна на Државната изборна комисија, општинските изборни комисии и избирачките одбори. Во склоп на ова Упатство и за спроведување на предавањето на изборниот материјал од и на Државната изборна комиисја, општинските изборни комисии, изборната комисија на Градот Скопје и избирачките одбори, согласно Изборниот законик, Државната изборна комисија ги донесе и обрасаците: 18в, 18г, 18д, 31б,31 в, 31 г, 31д, 19 г , 19д, 20б, 20 в и 22.

Истовремено, беше донесено и Упатството за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко рекламирање за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) кои сакаат да го искористат правото на учество во платеното политичко рекламирање и да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање за претстојните Локални избори 2021 година.

Понатаму од страна на Државната изборна комисија беше спроведена ждрепка и утврдување на распоредот на подносителите на листите на кандидати на гласачкото ливче за избори за членови на совет на општина и членови на совет на Град Скопје и градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје, како и ждрепка за доделување на локации на рекламни паноа и билборди за политичко рекламирање за изборната кампања.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува овластените претставници на политичките партии, коалициите и групите избирачи кои ќе учествуваат на Изборите за членови на советите на општините и Градот Скопје и градоначалници на општините и Градоначалник на Градот Скопје на 17 октомври 2021 година, дека ждрепката за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати ќе се одржи на 21.09.2021 година со почеток во 13 часот, во седиштето на Државната изборна комисија, голема сала, 4 кат.

            Поради ситуацијата поврзана со пандемијата со Ковид-19, седницата на која ќе се одржи ждрепката ќе биде без присуство на овластените претставници на политичките партии, коалициите и групите избирачи.

           

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно член 78-а став 5 и 6 од Изборниот законик, Државната изборна комисија на ден 21.09.2021 година на јавна седница во 15.00 часот ќе ја спроведе ждрепката за политичко рекламирање за распределба на локации за рекламни паноа и билборди согласно критериумите од Изборниот законик.

            Се известуваат правните лица кои што се уште немаат доставено понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до Државната изборна комисија, а сакаат да учествуваат во ждрепката, дека истото може да го сторат најдоцна до 21.09.2021 година, до 12.00 часот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија известува дека регистрациите на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) кои претходно се веќе регистрирани во ДИК и чие барање за упис е потврдено со Решение за упис во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) усвоен на 21та Седница на Државна изборна комисија на 10.09.2021 година, остануваат во сила и се важечки, односно истите не треба да поднесуваат нови барања за регистрирање во ДИК.

Радиодифузерите кои се претходно регистрирани во ДИК се должни да достават нови (корегирани) ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од Законот за измениување и дополнување  на Изборниот Законик објавени во Сл. Весник бр. 215/21 од 16.09.2021 година, најдоцна до 19 септември (недела) до 24,оо часот, додека печатените медиуми доколку имаат корекција на своите доставени ценовници можат да достават нови (корегирани) ценовници во истиот рок.

Сите радиодифузери и печатени медиуми кои претходно не се регистрирани во Регистарот за радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (електронски портали) на ДИК (не поднеле барање за упис, немале комплетна документација или го пропуштиле рокот) имаат право да поднесат ново барање до ДИК и да се регистрираат најдоцна до 19 септември до 24,00 часот. Овие радиодифузери и печатени медиуми со барањето за регистрација се должни да достават и ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од Измените на Изборниот Законик објавени во Сл. Весник бр. 215/21 од 16.09.2021 година, за предвремени парламентарни избори 2014, предверемени парламентарни избори 2016, локални избори 2017, претседателски избори 2019 и предвремени парламентарни избори 2020.

Радиодифузерите се должни ценовници да ги достават до АВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од три дена од денот на објавување на Ревидираниот Роковник, најдоцна на 19 септември до 24:00 часот.

Печатените медиуми кои имаат корекција на ценовниците се должни истите да ги достават до ДИК, ДКСК и ДЗР најдоцна на 19 септември до 24:00 часот.

Радиодифузерите и печатените медиуми што нема да се регистрираат или што нема да достават нови (корегирани) ценовници најдоцна до 19 септември (недела) – до 24,00 часот, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето.

Регистрираните радиодифузери како и радиодифузерите кои поднеле нови барања за регистрација, а кои што нема да достават нови (корегирани) ценовници во наведениот рок го губат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање и нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до ДИК, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена.

Документацијата од ова известување се поднесува електронски на следната електронска адреса [email protected] или во архивата на Државната изборна комисија на бул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје, најдоцна на 19 септември (недела) до 24:00 часот.

Архивата на Државната изборна комисија ќе работи на прием на барања за упис во регистарот на радиодифузери и печатени медиуми, на ден 18.09.2021 година (Сабота) од 10:00 часот до 18:00 часот и на ден 19.09.2021 година (Недела), од 10:00 часот до 24:00 часот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content