Врз основа на записник од 70-та седница на Државната изборна комисија, оддржана на 18 06.2020 година, Комисијата го дава следното

И З В Е С Т У В А Њ Е

Државната изборна комисија ја спроведе ждрепката за распределба на рекламните паноа и билборди согласно член 78-а став 4 од Изборниот законик, при што пакетите за рекламните паноа и билборди беа распределени на политичките партии на следниот начин:

– Пакет од 40% им припадна на двете најголеми политички партии од позиција кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови, односно СДСМ и ДУИ,

– Пакет од 40% им припадна на двете најголеми политички партии во опозиција кои на последните избори за пратеници во Собранието освоиле најмногу гласови,односно ВМРО-ДПМНЕ и Движењето БЕСА,

– Пакет од 10% им припадна на политичките партии во Собранието кои на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група, односно АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ и АЛТЕРНАТИВА и

– Пакет од 10 %, за сите останати политички партии кои кои не се застапени во Собранието, односно немаат пратеници.

Согласно одредбите од член 78-а став 5 од Изборниот законик, општините во Република Северна Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат согласно со критериумите од ставот (4) на овој член по пат на ждрепка.

 

 

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Известување до политичките партии во врска со рекламниот простор

Претставници на Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР, на чело со Шефот на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР, Лаима Андрикине, денес, 22 јуни 2020 година, беа на работен состанок со членовите на Државната изборна комисија, во седиштето на Комисијата.

Поради фактот дека Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, се одржуваат во специфични околности кои ги предизвика новонастанатата состојба со Коронавирусот, целта на овој состанок беше да се разгледаат сите активности кои ќе бидат преземени од страна на Државната изборна комисија за да се овозможи фер и демократски процес, како и изборен процес кој ќе ги заштити сите учесници.

Имајќи го предвид тоа, Државната изборна комисија истакна дека доследно ќе работи согласно законската рамка, со сите донесени акти од страна на Комисијата, кои ги опфаќаат сите изменувања и дополнувања на Изборниот законик, како и согласно мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија и протоколите донесени од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, ги информираше Претставниците на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, дека е донесен Ревидиран роковник за продолжување на изборните дејствија за спроведување на предвремените избори, како и дека се продолжени активностите за ажурирање на Избирачкиот список. По однос на спроведување на гласањето за овие избори информираше дека истото ќе трае три дена, односно започнува на 13 јули 2020 година, каде ќе гласаат лицата кои се наоѓаат во домашен карантин поради позитивен тест на  COVID  – 19 и лицата кои со решение издадено од Државниот здравствен и санитарен инспекторат се наоѓаат во домашна самоизолација. За спроведување на гласањето на 13 јули 2020 година, Државната изборна комисија ќе формира посебни избирачки одбори составени од здравствени работници предложени од Министерството за здравство и лица предложени од политичките партии. На 14 јули 2020 година ќе гласаат болни и немоќни лица, како и хронично болните лица. На 15 јули 2020 година ќе се спроведе гласањето кое ќе трае до 21:00 часот. Лицата кои после 8 јули 2020 година се тестирани и позитивни на COVID -19 нема да можат да го остварат правото на глас. За оваа цел Државната изборна комисија врши проверка на избирачките места, како би се обезбедиле поголеми простории за денот на гласањето, онаму каде што постои можност, а таму каде што не постои таа можност да се обезбедат услови согласно мерките, препораките и протоколите, за заштита од Коронавирусот.

Истовремено, Оливер Деркоски, претседател на Државната изборна комисија, информираше дека се продолжува со задолжителна обука на изборната администрација и повторно ги истакна резултатите кои овие обуки ги имаа на претходните избори.

Меѓу другите теми се разговараше и за прашањето за начинот на распределба и користење на финансиските средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија, за радиодифузерите, печатените медиуми и електронските поратли (Интернет порталите) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната капмања.

Претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, укажаа дека нивната задача е набљудување на изборите и на овие избори ќе работат согласно мерките и препораките за заштита од Коронавирусот. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР ќе биде присутна до 27 јули 2020 година кога ќе дадат извештај и следни препораки за понатамошните избори.

Отворената соработа помеѓу двете страни останува и понатаму и Државната изборна комисија ги покани Претставниците на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР да учествуваат во сите активности кои Комисијата ќе ги презема, за да согласно законите, прописите, протоколите и транспарентноста оваа соработка обезбеди успешен изборен процес.

Со почит,

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 70-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 18 јуни 2020 година, беше усвоен Записникот од 65-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 19.3.2020 година и Записникот од 66-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 20.3.2020 година.

Истовремено, Државната изборна комисија, ја спроведе ждрепка за распоредување на локациите на рекламните паноа и билборди, со кои стопанисуваат општините во Република Северна Македонија, Градот Скопје и правните лица а се нудат за политичко рекламирање, согласно критериумите утврдени во член 78-а став (4), став (5) и став (6), на која учествуваа претставниците на економските оператори кои доставија понуди до Државната изборна комисија и тоа: ДООЕЛ „МХ-ВОХ“ – Охрид, ОК МЕДИА ДООЕЛ, МЕДИА МАРКЕТИНГ ЛТД ДООЕЛ, експорт – импорт Скопје, ЛИД КОМЈУНИКЕЈШНС ДОО, С МЕДИА (СТЕФАНОВСКИ МЕДИА), ТЕХНОМАКС – Р ДООЕЛ увоз – извоз, СТРИТ ЊУЗ ДООЕЛ, ФОТОМАК, ИЗИ МЕДИА, СКРИН МЕДИА И АКЦЕНТ МЕДИА.

Согласно Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на 15 јули 2020 година, донесена од Владата на Република Северна Македонија, Државната изборна комисија продолжи со изборните активности и денес, 18 јуни 2020 година, (четврток), во седиштето на Комисијата, претставниците на подносителите на листи, кои ќе учествуваат на Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2020 година го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, кој се обврзаа активно да го почитуваат.

Учесниците во изборниот процес се обврзаа да ги почитуваат сите закони, правила и прописи кои се релевантни за изборите и почитување на владеење на правото при организирањето и спроведувањето на изборите, со цел зацврстување на фундаменталните вредности на демократијата и придонес во градење на довербата во изборниот процес.

Исто така, согласно новонастаната состојба со Коронавирусот, учесниците во изборниот процес се обврзаа дека ќе ги почитуваат мерките за заштита на граѓаните, во секоја фаза од изборниот процес.

 

Кодекс за фер и демократски избори.pdf

Државната изборна комисија Ве информира дека на 18 јуни 2020 година (четврток), со почеток во 11:00 часот, ќе биде потпишан Кодексот за фер и демократски избори, од страна подносителите на листи за Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, 15 јули 2020 година.

Потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори е обврска која произлегува од член 8-в од Изборниот законик.

Истовремено Ве информираме дека по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, Државната изборна комисија  ќе изврши ждребка за определување на билбордите за политичко рекламирање.

Ревидиран Роковник за спроведување на предвремените парламентарни избори, 15 јули 2020 година

Информација од Државната изборна комисија до Претседателот на Република Северна Македонија во врска со Предвремените Парламентарни избори

Заклучок за прекинување на сите изборни дејствија за спроведување на Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, закажани за 12 април 2020 година

Во согласност со Уредба, број 44-2413/1 од 21.03.2020 година, со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес на Владата на Република Сверна Македонија, Државната изборна комисија на 67 седница одржана на 22 март 2020 година (недела), усвои Заклучок со кој СЕ ПРЕКИНУВААТ сите изборни дејствија за спроведување на Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои се закажани за 12 април 2020 година.

Се запираат сите понатамошни дејствија и активности на општинските изборни комисии.

На лицата од помошните тела на Комисијата, нивниот ангажман им се става во мирување до донесување на нова одлука и истите, почнувајќи од 23 март 2020 година (понеделник), се должни да се вратат на нивните редовни работни места.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес

На 66-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 20.3.2020 година, се потврдија листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за Предвремените избори за пратеници, 2020 година, поднесенa од Твоја партија.

Истовремено, на седницата, согласно Заклучокот од 65-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 19.3.2020 година, а во врска со спроведената ждрепка за утврдување на редоследот на единствените листи на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, на потврдената листа поднесена од Твоја партија и беше утврден редниот број 15, на гласачкото ливче, за Предвремените избори за пратеници во Собранието, 2020 година.

На 65-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 19.3.2020 година, се потврдија листите на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, за Предвремените избори за пратеници, 2020 година, поднесени од Граѓанско демократска унија  – ГДУ, ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија, МОРО – Работничка партија, Никогаш Северна  – само Македонија, политичка партија Демократи и Левица.

Истовремено, Државната изборна комисија спроведе ждрепка за утврдување на редоследот на единствените листи за кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, на потврдените листи од Државната изборна комисија.

Имајќи предвид дека во Република Северна Македонија поради пандемијата со вирусот КОВИД – 19 е прогласена вонредна состојба и со цел почитување на мерките донесни од Владата на Република Северна Македонија, со заклучок беше определен начинот на спроведување на ждрепката, со што Државната изборна комисија, определи лица од Државната изборна комисија, кои го извршија влечењето на редните броеви во гласачкото ливче на подносителите на листи на кандидати, според азбучниот редослед на името на називот на листата (политичка партија или коалиција).

Согласно извршената ждрепка беше утврден следниот редослед:

  1. Алијанса на Албанците и Алтернатива – реден број 5.
  2. ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македонија“ – реден број 14.
  3. Граѓанско демократска унија  – ГДУ – реден број 7.
  4. Демократска партија на албанците –ДПА – реден број 1.
  5. Демократска унија за интеграција –ДУИ – реден број 9.
  6. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија – реден број 8.
  7. Коалиција Можеме – реден број 3.
  8. Левица – реден број 4.
  9. МОРО – Работничка партија – реден број 12.
  10. Народна партија на Ромите – реден број 13.
  11. Никогаш Северна  – само Македонија – реден број 11.
  12. Политичка партија Глас за Македонија – реден број 6.
  13. Политичка партија Демократи – реден број 2.
  14. СДУ – Скопје – реден број 10.

Почитувани,

Државната изборна комисија на денешната седица, ќе ги разгледува и ќе одлучува по поднесени листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

На оваа седница, Комисијата ќе ја спроведе и ждрепката за редните броеви на кандидатските листи во гласачкото ливче.

Имајќи ја предвид настанатата состојба со епидемијата со вирусот COVID 19 и воведената вонредна состојба во Република Северна Македонија, Ве известуваме дека на седницата нема да бидат повикани овластените претставници на подносителите на листите а ждрепката ќе ја изврши Државната изборна комисија на јавна седница.

65-та седница на Државната изборна комисија ќе оди во живо на фејсбук страната на ДИК за да можат сите заинтересирани да ја следат истата.

 

Со почит,

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На 64-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 18.3.2020 година, беа потврдени Листите за предлагање на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија на Коалицијата Можеме, Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива, Демократска партија на албанците, СДУ – Скопје и Народна партија на Ромите, за Предвремените парламентарни избори 2020 година.

Со почит

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Описи на избирачките места во Република Северна Македонија за Предвремени парламентарни избори 2020

Одлука за објавување на описите на избирачките места – Избори 2020

Решение за неспроведување гласање во дипломатско – конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Северна Македонија во странство за Предверемените избори за пратеници 12.04.2020

Skip to content