Државната изборна комисија, на 83-та седница, одржана на 27 февруари 2024 година го донесе Јавниот повик со кој ги известува сите граѓани на Република Северна Македонија дека Јавниот увид на податоците во избирачкиот список ќе започне на 28 февруари 2024 година и истиот ќе трае до 18 март 2024 година до 24:00 часот.
Се повикуваат сите заинтересирани граѓани на Република Северна Македонија, кои сакаат да извршат увид во своите податоци во избирачкиот список, тоа да го направат по електронски пат на официјалната веб страница на Државната изборна комисија и лично во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, кои ќе работат секој ден во периодот 08:00 – 20:00 часот и кои се сместени во седиштето на општините, што е објавено на веб страницата на Државната изборна комисија.
За таа цел, Државната изборна комисија го донесе и Упатството за спроведување на Јавен увид во Избирачкиот список за Претседателски избори 2024 и Парламентарни избори 2024 година.
Понатаму, Комисијата донесе Одлука во врска со Барањето за донесување на одлука согласно член 48 став 1 од Законот за Влада на Република Македонија, поднесено од Министерството за труд и социјална политика, со која го отфрлува Барањето, имајќи предвид дека истото не ги исполнува законски утврдените услови од наведениот член, за надлежно постапување на Државната изборна комисија, со оглед на тоа дека истото не се однесува на правно, финансиско и кадровско прашање кое е поврзано со организација на изборите и се однесува на редовното работење на институцијата.
Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка, чија чел е давање насоки за начинот на акредитирање на набљудувачи на изборите и спроведувањето на набљудувањето на изборите и изборната постапка од страна на акредитираните набљудувачи. Барање за стекнување својство на набљудувач може да поднесат: домашни здруженија и странски организации, меѓународни организации и претставници на странски земји.
Следствено на горенаведениот акт го донесе и Кодексот за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година, кој ги утврдува правилата за набљудување на изборите за Претседател на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 24 април 2024 година и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година, и процедурата за вршење на набљудувачката мисија на акредитираните набљудувачи, а во функција да се подобри интегритетот и транспарентноста на изборниот процес.
Заради целта за спроведување на легитимен и транспарентен изборен процес, Државната изборна комисија, донесе Заклучок за останување во сила на следните правилници и упатства, кои се од исклучително значење за сите изборни органи на кои ќе се спроведе задолжителна едукација, а се од значење и за учесниците во изборите, гласачите и медиумите:
– Упатство за важечки и неважечки ливчиња, бр. 10-689/1 од 3.3.2020 година
– Упатство за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка (согласно член 78-а од Изборниот законик), бр. 10-691/1 од 3.3.2020 година
– Упатство за пријавување и гласање на немоќно или болно лице, бр. 11-1764/1 од 25.8.2021 година
– Упатство за гласање на лица кои се наоѓаат во куќен притвор (член 113 од Изборниот законик), бр. 10-694/1 од 3.3.2020 година
– Упатство за гласање на избирачите кои се членови на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во дипломатско – конзуларните претставништва односно конзуларните канцеларии (член 113-б од Изборниот законик), бр. 10-690/1 од 3.3.2020 година
– Упатство за начинот и постапката за решавање на приговори во надлежност на Државната изборна комисија, бр. 11-2486/1 од 10.10.2021 годинa
– Упатство за начинот и постапката за пријавување и гласање во посебни установи за вонсемејна грижа (домови за стари лица), бр. 10-783/1 од 9.3.2020 година
– Упатство за начинот и постапката за решавање на приговори во надлежност на општинските изборни комисии, бр. 11-2350/1 од 1.10.2021 година
– Упатство на општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје за обезбедување, чување, ракување и дистрибуција на изборниот материјал, бр. 11-2223/1 од 23.9.2021 година
– Упатство за ангажирање на лица од редот на вработените во секторите за информатичките технологии во државната, јавната, општинската и администрацијата на Градот Скопје или надворешни ИТ лица, бр. 11-2117/1 од 17.9.2021 година
– Упатство за прием, сместување и чување на УБИГ кои се наоѓаат во просториите на ДИК, бр.11-1922/1 од 9.9.2021 година.
Државната изборна комисија го донесе Планот за комуникација и координација помеѓу изборните органи, кој има за цел постигнување на поефикасна, полесна и воедначена соработка помеѓу Државната изборна комисија и општинските изборни комисии при подготовката и спроведувањето на Изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година и добивање на исти одговори за настанатите тековни проблеми во нивното работење, односно идентичен одговор за исти прашања.
Согласно Акцискиот план за унапредување на родовата сензитивност на Државната изборна комисија, Комисијата донесе Упатство за родово чувствителни документи, со кое се воспоставуваат правила за креирање родово чувствителни документи во Државната изборна комисија. Преку ова Упатство се промовира инклузивност, се почитува различност и се поддржува еднаквоста во псимените комуникации.
Начинот на кој ќе се реализира систематското собирање и презентација на податоци поделени по пол во Државната изборна комисија и изборните органи на пониско ниво, е утврден во Упатството за собирање и презентирање на податоци разделени по пол, донесено на оваа седница.
Истовремено, Државната изборна комисија ја донесе Одлуката со која се утврдува максималниот износ на средствата потребни за изнајмување на простории во приватна сопственост за спроведување на гласањето на оние избирачки места каде не постојат јавни објекти кои ги задоволуваат законските услови за спроведување на истото, а согласно решенијата за утврдување на избирачките места во делот на објектот за гласање.
Исто така, Комисијата го усвои Годишниот извештај за завршната сметка на Државната изборна комисија за 2023 година.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА