На седницата на Државната изборна комисија беше спроведена ждрепка со која се утврди редоследот на листите на кандидати за избор на Претседател на Републиката за 2024 година.

Овластените претставници на подносителите на листите на кандидати според азбучниот редослед на името на кандидатот влечеа број по кој се утврди единствената листа на кандидати:

1.            Стево Пендаровски со реден број 1.

2.            Гордана Сиљановска – Давкова со реден број 2.

3.            Стевчо Јакимовски со реден број 3.

4.            Бујар Османи со реден број 4.

5.            Билјана Ванковска – Цветковска со реден број 5.

6.            Арбен Таравари со реден број 6 и

7.            Максим Димитриевски со реден број 7.

Согласно одредбите од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврдената единствена листа на кандидати ќе ја објави во Службен весник на Република Северна Македонија.

Истовремено, Државната изборна комисија спроведе и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на член 78-а  од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес,  претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски  се обрати на форумот „Граѓанските организации и изборите“ на кој учествуваа претставници на граѓанскиот сектор и претставници од државните институции. Покрај Претседателот Даштевски со поздравни обраќања форумот го отворија и заменичката на шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса,   Џевахире Прути Зајази, претставник на  Швајцарска амбасада во Скопје и Иоана Козма, директорка на ИФЕС во Скопје.

На форумот се дискутираше за предизвиците и можностите за учество на граѓанските организации во изборниот процес, за пречките и решенијата за зголемено учество на недоволно застапените групи во изборниот процес како и за предизвиците и можностите за соработка меѓу граѓанските организации кои застапуваат различни таргет групи и меѓу граѓанските организации и релевантните институции вклучени во изборниот процес.

Претседателот Даштевски изрази благодарност до ОБСЕ мисијата во Скопје и ИФЕС, што ја идентификуваа потребата да се разговара на оваа тема бидејќи ова е добар начин да се споделат искуствата од поминати изборни циклуси и да се вкрстат сознанијата и практиките.

„Ние како институција, години наназад бележиме напредок во обезбедување на услови за непречено остварување на правото на глас на граѓаните од различни категории, лица со попреченост, млади гласачи, жени и различни возрасни категории, гласачи од различна националност, согласно законските надлежности и можности. За таа цел сакам да се заблагодарам и на организациите со кои досега сме имале соработка и заедно сме креирале пракса која од една страна била во согласност со потребите на граѓаните а од друга страна за нас значајно што сме овозможиле напредок во изборниот процес. “ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на форумот.

На крајот од своето излагање, Даштевски апелираше за поголема вклученост на граѓанските организации во креирањето на политиките .

„Имајќи ја предвид нашата заложба за еднаков третман на сите граѓани како и нашата цел за спроведување на фер, слободни и  демократски избори, потенцирам дека сме отворени  за соработка со сите чинители во изборниот процес.“ рече Даштевски.

Државната изборна комисија беше ко организатор на Форумот „Граѓанските организации и изборите“  заедно со ОБСЕ Мисијата во Скопје и ИФЕС.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија оствари координативен состанок со претставници од НДИ на кој што се разговараше за понатамошната соработка за предстојните Избори за Претседател и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.

На средбата се разговараше за Кодексот за фер и демократски избори и дополнително двете страни се согласија и ја потврдија досегашната успешна соработка и изразија подготвеност да продолжат и понатаму да работат заедно за унапредување на демократските вредности и практики со цел успешно спроведување на предстојните избори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија ги известува овластените претставници на подносителите на Листи на кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, дека ждрепката за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати ќе се одржи во понеделник, 25 март 2024 година со почеток во 12:00 часот.

Ждрепката ќе се одржи во седиштето на Државната изборна комисија, голема сала, 4 кат.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно член 78-а став 5 и 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, број 40/06, 136/08, 148/08, 155/08, 163/08, 44/11, 51/11, 54/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16, 142/16, 67/17,125/17,35/18, 99/18,140/18, 208/18, 27/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, број 98/19, 42/20, 74/21 и 215/21), Државната изборна комисија спроведува ждрепка со која ќе ги распореди локациите на рекламните паноа и билборди кои се нудат за политичко рекламирање од страна на правните лица кои стопанисуваат со истите, а во врска со Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година.

Се повикуваат претставниците на правните лица да достават понуди за рекламни паноа и билборди со локации и ценовници до Државната изборна комисија за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, согласно Упатството за распределба на рекламни паноа и билборди по пат на ждрепка со број 10-691/1 од 03.03.2020 година, објавено на веб страната на Државната изборна комисија, најдоцна до понеделник, 25.03.2024 година, до 10:00 часот.

Максималниот број на рекламни паноа и билборди кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на кое определено правно лице стопанисува со истите за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.

Ждрепката за распределба на рекламни паноа и билборди ќе се одржи во големата сала на Државната изборна комисија на 25.03.2024 година во 13:30 часот.

Овластените лица на правните лица кои доставиле понуди за распределба на рекламни паноа и билборди кои ќе учествуваат во ждрепката потребно е со себе да имаат овластување од правното лице.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија (ДИК) се состана со Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР предводена од Амбасадорката Џилијан Стирк.

Средбата, одржана на 20 март во просториите на ДИК, обезбеди платформа за дискусија за различни аспекти на изборниот процес, вклучително и тековните подготовки за претстојните Претседателски и Парламентарни избори, како и скорешните измени и дополнувања на Изборниот законик. Двете страни разменија искуства и најдобри практики за дополнително зајакнување на интегритетот и кредибилитетот на изборниот процес.

За време на состанокот, ДИК ја потврди својата заложба за почитување на демократските принципи и го поздрави конструктивниот ангажман на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во следењето и оценувањето на изборните процеси. Соработката ја нагласува заедничката цел за промовирање на транспарентност, инклузивност и доверба на јавноста во изборната администрација.

„Задоволни сме што сме домаќини на оваа средба со Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР“, рече Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија. „Вашата експертиза и непристрасно набљудување играат клучна улога во зајакнувањето на кредибилитетот и транспарентноста на нашите изборни процеси. Го цениме вашето партнерство и очекуваме континуирана соработка.“

Претставниците на НМ на ОБСЕ/ОДИХР ги поздравија напорите на ДИК за унапредување на изборниот процес и ја истакнаа важноста од одржлива соработка во зајакнувањето на демократското владеење.

И ДИК и НМ на ОБСЕ/ОДИХР изразија подготвеност да продолжат да работат заедно за унапредување на демократските вредности и практики.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата Државната изборна комисија одлучуваше по поднесените Листи за кандидат за претседател на Република Северна Македонија 2024 година. Имајќи предвид дека Листите на кандидати беа поднесени согласно законски утврдените услови и во законски утврдениот рок Комисијата ги потврди Листите за кандидати за претседател на Република Северна Македонија 2024 година по редоследот на нивното доставување во Државната изборна комисија, со што на Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година ќе учествуваат следните кандидати:

–        Стево Пендаровски

–        Стевчо Јакимовски

–        Максим Димитриевски

–        Арбен Таравари

–        Билјана Ванковска – Цветковска

–        Бујар Османи и

–        Гордана Сиљановска Давкова.

Истовремено, на седницата беше донесено Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за изборите за претседател на Република Северна Македонија и изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои Државната изборна комисија ги издава како исправа за идентификација.

Исто така, Државната изборна комисија, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на ОБСЕ/ОДИХР, издаде 34 овластувања за набљудување.

Врз основа на тоа ќе бидат издадени беџови за секој акредитиран набљудувач кој ќе мора да го почитува Кодексот за правилата на набљудување на изборите и изборната постапка на домашни и странски набљудувачи.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, Државната изборна комисија ја одржа 88 – та седница на која ги разгледа и едногласно ги потврди кандидатските листи за Избор на Претседател на Република Северна Македонија 2024 година. Комисијата заклучи дека кандидатските листи на Стево Пендаровски, Стевчо Јакимовски, Максим Димитриевски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска Цветковска, Бујар Османи и Гордана Сиљановска Давкова се навремено доставени и даде рок од 48 часа за кандидатите Стефчо Јакимовски и Арбен Таравари да достават трансакциска сметка и единствен даночен број.

Државната изборна комисија на седницата едногласно го усвои Упатство за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на листа на кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 2024 година.

На дневен ред на денешната седница на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за акредитација на набљудувачи за претстојните избори во државата,  доставени од ОБСЕ/ОДИХР. Комисијата едногласно ги прифати сите 34 барања од ОБСЕ/ОДИХР и согласно тоа, на набљудувачите ќе им достави соодветни овластувања и беџови со кои ќе се идентификуваат за време на изборниот процес.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, во просториите на Државната изборна комисија се одржа брифинг за новинари. На средбата, членовите на Државната изборна комисија ги презентираа измените на Изборниот законик, ги образложија сите актуелни теми поврзани со претстојните избори и одговараа на поставените новинарски прашања.

Членовите на комисијата детално ги образложија измените и дополнувањата на Изборниот законик меѓу кои е и воведување на Центар за континуирана едукација во Државна изборна комисија со што ќе се обезбеди континуирана обука за изборната администрација, гласачите, учесниците во изборниот процес, овластените претставници на подносителите на листи, медиумите, набљудувачите на изборите и сите заинтересирани кои на било каков начин имаат учество во изборите. Исто така. Центарот ќе изработува истражувања и анализи за потребите и по барање на Државната изборна Комисија.

Со овие измени и дополнувања на Изборниот законик се воведе нов член 173 а со кој се прецизира дека условите за пристапност за сите категории на лица со попреченост до објектите каде што се наоѓаат гласачките места се грижат соодветните институции и органи во чија сопственост се објектите.

Објаснета беше и измената во делот на потребни потписи за кандидирање за пратеници, градоначалник и членови на совет, односно потребно е да се соберат 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за изборната единица односно општината.

Во однос на учесниците во изборната кампања, се додаваат две нови одредби кои се во насока на ограничување на трошењето на средства од трансакциската сметка наменета за изборната камапања. Не смеат да се трошат средства од транскациската смета наменета за изборна кампања од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања. Исто така, од моментот на потврдување на кандидатските листи до започнување на изборната кампања,учесниците во изборите имаат право да организираат по еден јавен настан за промоција на нивните потврдените листи на кандидати и изборните програми.

Понатаму, се дорегулираат и допрецизираат одредбите во однос на финансирањето на изборите и доставувањето и објавувањето на извештаите за примени донации на тансакциската сметка за изборна кампања. Во однос на донациите одредбата гласи: “Исто правно лице или исто физичко лице доколку донира средства на жиро-сметка на политичка партија и на трансакциска сметка за изборна кампања на учесникот во изборна кампања, износот на средствата кумулативно на трансакциската сметка за изборна кампања не смее да биде поголем од 3000 евра во денарска противредност за физичко лице или 30.000 евра во денарска противредност за правно лице.“

Со предлог законот се предлага да се одреди јасна временска рамка за одржување на повторените избори во случаите кога условот за излезност не е исполнет во првиот круг од изборите за градоначалник, се со цел да се намали ризикот од неуспешни избори.

Измените предвидени во ова законско решение го уредуваат рокот за одлучување на Управниот суд во случај на поднесена тужба за заштита на избирачкото право на подносителите на листи и на избирачите.

Со преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

На претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ им истекле личните документи од 24.07.2023 година до денот на изборите односно до 24.04.2024 година.

На парламентарните избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите на 08.05.2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија информира дека заклучно со 14.03.2024, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, увид на своите податоци во избирачкиот список направиле 4859 лица. 7 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 19 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 5 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат заклучно со 14.03.2024, се провериле вкупно 22122 граѓани. Поднесени се 25 барања за промена на податоци, 6 барања за бришење на податоци и 10 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, ве информираме дека досега се пристигнати вкупно 1451 пријави од кои 1101 се прифатени, 159 се одбиени и 191 необработени пријави. Напоменуваме дека овие податоци се јавно достапни на веб страната www.dijaspora.sec.mk.

Потсетуваме дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена , запишување и бришење на податоци од страна на граѓаните ќе може да се направи најдоцна до 18 март 2024 година, 24 часот.

Апелираме, граѓаните да се проверат во избирачкиот список односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија информира дека заклучно со 13.03.2024, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, увид на своите податоци во избирачкиот список направиле 4527 лица. 7 лица поднеле барање за промена на своите податоци, 13 лица поднеле барање за запишување на своите податоци и 5 лица поднеле барање за бришење на податоци во Избирачкиот список.

Преку електронски пат заклучно со 13.03.2024, се провериле вкупно 13056 граѓани. Поднесени се 24 барања за промена на податоци, 5 барања за бришење на податоци и 9 барања за запишување на податоци во Избирачкиот список.

По однос на пристигнати барања за регистрација на гласачи во дијаспората, ве информираме дека досега се пристигнати вкупно 1288 пријави од кои 887 се прифатени, 137 се одбиени и 264 необработени пријави. Напоменуваме дека овие податоци се јавно достапни на веб страната www.dijaspora.sec.mk.

Потсетуваме дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена , запишување и бришење на податоци од страна на граѓаните ќе може да се направи најдоцна до 18 март 2024 година, 24 часот.

Апелираме, граѓаните да се проверат во избирачкиот список односно доколку е потребно да побараат промена, запишување или бришење на своите податоци од Избирачкиот список за претстојните претседателски и парламентарни избори да го сторат тоа до дадениот рок.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за претседател на Република Северна Македонија бр.09-696/1 од 29.2.2024 година и Решението за изменување и дополнување на Решението за регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија бр.09-698/1 од 29.2.2024 година, во кои се впишуваат и оние радиодифузери, телевизии,  радиостаници и електронски медиуми (интернет портали) кои навремено доставиле корегирани ценовници во законски предвидениот рок од 72 часа, согласно член 75-ѓ став (11) од Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија во врска со Упатството со Методологија за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, донесено на 85-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 6 и 7 март 2024 година, во делот на тоа дали во предвид ќе се земе резидентното или нерезидентното население при примена на методологијата, а по повод пресудата на Вишиот управен суд, информираше дека за спроведување на член 21 став (2) од Изборниот законик, во општините во кои живеат најмалку 20% од граѓаните припадници на другите заедници каде се одразува принципот на соодветна и правична застапеност на сите заедници, изборот ќе го врши по национална припадност според Пописот на населението од 2021 година, притоа земајќи го предвид резидентното население.

Исто така, Државната изборна комисија информираше дека согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Односно, на Претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24 јули 2023 година до денот на одржување на изборите 24 април 2024 година, а на Изборите за избор на пратеници во Собранието, ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 8 август 2023 година до денот на одржување на изборите 8 мај 2024 година.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Согласно измените на изборниот законик, во избирачкиот список се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на изборите, според актот за распишување на изборите, кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија.

Овие податоци за граѓаните се доставуваат до ДИК од страна на МВР.

Согласно преодната одредба од измените на изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.

Тоа конкретно значи дека:

  1. На претседателските избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 24.07.2023 година до денот на изборите 24.04.2024 година и
  2. На парламентарни избори ќе може да гласаат граѓаните на кои по било кој основ (по сила на закон или по рок на важност) им истекле личните документи од 08.08.2023 година до денот на изборите 08.05.2024 година

Ова известување ќе биде составен дел на Упатството на Државната изборна комисија за начинот на утврдување на идентитетот на гласачите, според кое ДИК ќе ја врши и законската задолжителна обука на сите избирачки одбори.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата Државната изборна комисија ја донесе Одлуката за дополнување на Годишниот план за јавни набавки по програма 21 (за потребите на Изборите за претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија) како и Изменувањето и дополнувањето на Одлуката за утврдување на потреба од формирање на помошни тела на Државната изборна комисија за спроведување на Избор за Претседател на Република Северна Македонија и Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година и на 8 мај 2024 година, за потребите на Комисијата за непречено функционирање на изборниот процес.

Понатаму, Комисијата го дополни Упатството за начинот и постапката за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за избор на претседател на Републиката (бр.08-528/1 од 17.2.2024 година), со што кандидатот за претседател може да овласти друго лице кое истовремено ќе биде и овластен претставник на подносител на листа за претседател, кој ќе може во негово име и за негова сметка да ги презема неопходните дејствија согласно Изборниот законик пред изборните органи и други надлежни државни институции, а поврзани со постапката за организација на Изборите за Претседател на Републиката, а врз основа на ова генерално овластување кандидатот за претседател може да го овласти истото лице да може во име и за сметка на кандидатот за претседател да овластува и други лица за преземање на определени дејствија во изборниот процес согласно Изборниот законик.

Истовремено, Комисијата го донесе и Упатството за примена на член 112-а од Изборниот законик, за лица со попреченост, со цел на истите да им се овозможи на соодветен начин да влезат, односно пристапат во гласачкото место за да го остварат своето право на глас. За истата цел е донесено и Упатството за гласање на слепи лица и лица со оштетен вид, со кое доколку лицето со оштетен вид одбие да гласа со помош на шаблон и Браева азбука ќе има право да побара од избирачкиот одбор да гласа со помош на друго лице.

Државната изборна комисија го донесе и Упатството за работата на Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, кое ги уредува и разработува нивните обврски и процедури за работа во рамките на нивните законски надлежности.

Понатаму, на оваа седница е донесена и измената на Упатството за примена на член 21 став (2), (3) и (4) од Изборниот законик за избор на претседател, членови и нивни заменици во Општинските изборни комисии и Изборната комисија на Град Скопје, во кое како критериум за избор е земен пописот на населението од 2021 година, наместо пописот од 2022 година.

Исто така, на седницата беа разгледувани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање се прифатени од Државната изборна комисија.

Имено, за целта на транспарентноста на изборниот процес, а за олеснување на постапката за кандидирање на кандидати за претседател на Републиката и кандидати за избор на пратеници во Собранието во Државната изборна комисија, Комисијата информираше дека на својата веб страница ќе ги објави и донесените акти на Централниот регистар на Република Северна Македонија, во кои е уредена целокупната постапка за обезбедување на единствен даночен број и трансакциска сметка со назнака „за изборна кампања“.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, до Државната Изборна комисија е доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, од страна на Драган Николовски.

Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, до Државната Изборна комисија е доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, од страна на Гоце Ристов.

Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, до Државната Изборна комисија е доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, од страна на Гордана Силјановска Давкова.

Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата и кај следните нотари:

1.   Анита Адамческа, за подрачјето на основните судови во град Скопје

2.   Ана Јолакоска, за подрачјето на основните судови во град Скопје

3.   Методија Ристоски, за подрачјето на основните судови во град Скопје

4.   Башким Амети, за подрачјето на основните судови во град Скопје

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Денес, до Државната Изборна комисија е доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, од страна на Стево Пендаровски.

Потписите ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Државната изборна комисија на денешната 84 – та седница ги усвои Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избор на претседател на Република Северна Македонија и Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за Избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија. Од вкупно доставени 333 барања од медиумите за платено политичко рекламирање за претседателските избори, Државната изборна комисија ги потврди барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали. Две телевизи и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик. Вкупно осум правни субјекти со 10 портали, 1 поткаст и 1 радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.

Од вкупно доставени 334 барања за платено политичко рекламирање за парламентарните избори, Државната изборна комисија ги потврди барањата на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали. Две телевизии и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик. Вкупно седум правни субјекти со 9 портали, 1 поткаст  и 1 радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.

Против решенијата за одбивање на медиумите кои не ги исполнуваат условите за регистрација за платено политичко рекламирање, незадоволната страна има право на тужба до Управен суд на Република Северна Македонија, во рок од 24 часа од приемот на решението.

Регистарот на медиуми кои ќе вршат платено политичко рекламирање и ценовниците ќе бидат достапни на веб страната на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

До Државната изборна комисија доставена е една иницијатива за собирање потписи за кандидирање за пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, за ИЕ 1 од Ана Бобинкова Мијаковска.

Потписите се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија надлежни за општините од Изборна единица 1.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content