На 41-та седница на Државната
изборна комисија, која се одржа на 11.5.2019 година, се донесе Заклучокот за
објавување на конечните резултати од вториот круг на гласање од Изборите за
избор на Претседател на Републиката, со кој резултатите од гласањето стануваат
конечни имајќи предвид дека во законскиот рок до Управниот суд на Република
Северна Македонија и до Државната изборна комисија нема поднесено тужба за
заштита на избирачкото право на подносителите на листите на кандидат.
Имено, Државната изборна комисија
врз основа на податоците во доставените записници од избирачките одбори,
општинските изборни комисии, целокупниот изборен материјал и по донесените решенија
од Државната изборна комисија, утврди дека од вкупно запишаните 1.808.131
избирачи во заклучениот Избирачки список, гласале 843.508 избирачи, што во
проценти изнесува 46,65%. Според пресметаните и утврдените резултати од
гласањето спроведено на 5.5.2019 година и донесените решенија на Државната
изборна комисија, вкупниот број на гласови што го добила секоја Листа на
кандидат за претседател пооделно изнесува:
-кандидатот Гордана Сиљановска
Давкова, добила 377.446 гласа, што во процент изнесува 44,75%
-кандидатот Стево Пендаровски,
добил 435.656 гласа, што во процент
изнесува 51,65%.
Согласно тоа, според
пресметаните и утврдените резултати од гласањето, а врз основа на член 121 став
(3) од Изборниот законик, Државната изборна комисија утврди дека Стево
Пендаровски е избран за Претседател на Републиката, како кандидат кој добил
мнозинство гласови од избирачите кои гласале.
Истовремено, на седницата се
донесе Заклучокот според кој со објавата на конечните резултати од Изборите за
избор на Претседател на Републиката, се завршени Претседателските избори 2019
година.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА