Решенијата по приговори се објавени на 20.07.2020 година во 18:00 часот

На 79-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 19 јули 2020 година, се одлучуваше по поднесените приговори во постапката за заштита на избирачкото право на подносителите на листите на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултатите од гласањето.

Во определениот законски рок, согласно член 148 од Изборниот законик, до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од повеќе подносители на листи и тоа Левица, Коалиција Алијанса за Албанците и алтернатива, СДУ, Единствена Македонија, МОРО – Работничка партија, Интегра – македонска конзервативна партија, Глас за Македонија и ВМРО-ДПМНЕ и Коалција „Обнова за Македонија“ и согласно член 69-а од Изборниот законик беа поднесени приговори од Коалиција „Можеме“ и ВМРО-ДПМНЕ и Коалција „Обнова за Македонија“.

По однос на приговорите кои беа доставени од страна на Левица, беа отфрлени вкупно 1478 приговори кои не ги исполнуваа условите од член 147 став (3) од Изборниот законик, бидејќи истите беа поднесени без потпис и печат.

Државната изборна комисија изврши детален увид и во останатите приговори и едногласно ги одби поради тоа што истите не беа поткрепени со факти и докази. Ниту еден од подносителите на приговорите во своите приговори немаше постапено согласно законската рамка и ја немаше искористено можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални нерегуларности во изборниот процес.

Во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 и Записникот бр.21 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија.

Исто така не беше постапено и согласно член 117 став (6)  каде  е наведено дека доколку забелешките на претставниците на подносителите на листите не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од 5 часа од составувањето на записникот и забелешките согласно одредбите од член 116 став 3 да бидат основа за приговор.

Државната изборна комисија ги констатираше бројките кои беа сумирани од страна на избирачките одбори и општинските изборни комисии, односно бројките се потврдени а мандатите поделени соодветно освоените гласови.

Државната изборна комисија се заблагодари на сите кои учествуваа во овој изборен процес, со што истакна дека изборната администрација беспрекорно ги спроведе овие избори и овозможи да се одвиваат во мирна атмосфера. Постапувајќи согласно Изборниот законик и подзаконските акти донесени од Државната изборна комисија, изборната администрација овозможи секој граѓанин да го оствари правото на глас и обезбеди спроведување на фер и демократски избори.

Заклучок за исправка на технички грешки во Заклучокот број 08-19661 од 16.07.2020 година

Резултати врз основа на податоци од записниците од избирачките одбори – Предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година

Државната изборна комисија Ве известува дека, согласно Ревидираниот роковник за продолжување на изборните дејствија за спроведување на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, рокот за доставување на извештајот за реализирани услуги и фактурата која содржи примерок од објави од страна на печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) истекува денес, на 17 јули 2020 година. 

Сепак, со цел медиумите да не бидат оштетени, горенаведениот рок ќе биде одложен и целосната документација печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите) ќе можат да ја достават во следниве неколку дена без притоа да трпат какви било последици.

   

Со почит,

Тим за односи со јавност

Државната изборна комисија, на 78-та седница одржана нa 16 јули 2020 година, информираше за состојбата после спроведеното гласање за Избор за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, врз основа на податоците во доставените записници од општинските изборни комисии, избирачките одбори и целокупниот останат изборен материјал, со што од вкупниот број на избирачи запишани во Избирачкиот список кој изнесува 1.814.236, вкупниот број на избирачи кои гласале изнесува 942.334, вкупниот број на неупотребени гласачки ливчиња изнесува 869.889, вкупниот број на важечки гласачки ливчиња изнесува 910.868 и вкупниот број на неважечки гласачки ливчиња изнесува 31.466.

По однос на распределбата на мандатите за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија според бројот на вкупните гласови што ги добиле листите на кандидати, одделно врз основа на сумираните резултати од општинските изборни комисии за избирачките места во изборните единци за кои се надлежни, ДПА освоила еден мандат во ИЕ 6, Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 1 освоила 8 мандати, во ИЕ 2 освоила 7 мандати, во ИЕ 3 освоила 9 мандати, во ИЕ 4 освоила 10 мандати, во ИЕ 5 освоила 8 мандати и во ИЕ 6 освоила 4 мандати, вкупно 46 мандати, Левица во ИЕ 1 освоила 1 мандат и во ИЕ 3 освоила 1 мандат, вкупно 2 мандати, Алијанса на Албанците и Алтернатива во ИЕ 1 освоила 2 мандати, во ИЕ 2 освоила 3 мандати, во ИЕ 5 освоила 1 мандат, во ИЕ 6 освоила 6 мандати, вкупно 12 мандати, ДУИ во ИЕ 1 освоила 2 мандати, во ИЕ 2 освоила 3 мандати, во ИЕ 5 освоила 3 мандати, во ИЕ 6 освоила 7 мандати, вкупно 15 мандати, и ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, во ИЕ 1 освоила 7 мандати, во ИЕ 2 освоила 7 мандати, во ИЕ 3 освоила 10 мандати, во ИЕ 4 освоила 10 мандати, во ИЕ 5 освоила 8 мандати и во ИЕ 6 освоила 2 мандати, вкупно 44 мандати.

Истовремено, Државната изборна комисија информираше дека гласањето кое беше спроведено на 13 јули 2020 година, 14 јули 2020 година и 15 јули 2020 година, со оглед на условите во кои се спроведуваше поради состојбата со Коронавирусот се одвиваше непречено и согласно тоа упати честитки до сите учесници во изборниот процес и нивниот демократски капацитет кој овозможи фер и демократски избори.

Иако во текот на сумирањето на резултатите за гласањето Државната изборна комисија се соочи со голем предизвик и проблем поради хакерскиот напад врз софтверот за внес и пребројување на резултати, Комисијата истакна дека работи согласно Изборниот законик, а резултатите ги објавува по добиените записници број 16 и број 21 од општинските изборни комисии.

Конечниот резултат од спроведеното гласање за Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година ќе биде објавен од страна на Државната изборна комисија, по завршувањето на постапката со приговорите кои ќе се разгледуваат по две основи и тоа по однос на постапката за гласање, кој што рок почнува од завршувањето на гласањето, 15 јули 2020 година, 21 часот и ќе трае 48 часа и постапката за сумирање и утврдување на резултатите, кој рок почнува да тече од моментот на објавувањето на резултатите од страна на Државната изборна комисија и ќе трае исто така 48 часа. Државната изборна комисија и по двата вида на приговори треба да одлучува во рок од 72 часа од добивањето на приговорите.

Заклучок за објавување на резултатите од гласањето за Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година, врз основа на податоците од записниците од општинските изборни комисии

Државната изборна комисија  Ве информира дека сеуште се врши прием на материјалот од општинските изборни комисии и при тоа рачно се проверуваат записниците за сумирање и утврдување на резултатите од избирачките места (записници бр.16) , како и записниците за сумирање и утврдување на резултатите од општините (записник бр. 21), со цел точно да можат да се утврдат неофицијалните конечни резултати.

Неофицијалните конечни резултати ќе бидат соопштени на попладневната седница на Државната изборна комисија, за која благовремено ќе Ве известуваме..

На продолжението на 77-та седница на Државната изборна комисија, кое се одржа на 13 јули 2020 година, се одлучуваше по приговорите за заштита на личното избирачко право, согласно член 149-а од Изборниот законик и истите беа едногласно одбиени.

Државната изборна комисија, информираше дека во текот на денешниот ден беше спроведено гласањето на лицата кои се со позитивен тест на КОВИД-19 и лицата во самоизолација, со што од вкупно утврдениот број на лица 759 кое може да гласааат, правото на глас го оствариле вкупно 723 лица. Причината поради која бројките се разликуваат од претходно објавените е поради тоа што Државната изборна комисија одлучуваше по поднесени приговори, а општинските изборни комисии прифаќаа пријави на лица за гласање на 13 јули 2020 година од апликацијата на Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија, истакна дека ова се бројки на лица кои го оствариле правото на глас, а гласачките ливчиња од денешното гласање и од гласањето кое ќе се спроведе на 14 јули 2020 година, остануваат запечатени во гласачката кутија за гласањето кое се спроведува на 15 јули 2020 година и сумирањето на бројот на гласови ќе биде по завршувањето на гласањето на 15 јули 2020 година.

Истовремено, Државната изборна комисија се заблагодари на сите учесници во денешниот изборен процес, особено на членовите на посебните избирачки одбори кои професионално го спроведоа гласањето  и до медиумите кои го следеа гласањето, со што се покажа дека Државната изборна комисија од здравствен аспект целосно го обезбеди изборен процес.

Согласно горенаведеното ги повика граѓаните да го остварат своето право на глас, бидејќи сите избирчаки места се максимално соодветно обезбедени согласно препораките и протоклите за заштита од спречување на ширење на Коронавирусот.

Државната изборна комисија појаснува дека гласачките ливчиња добиени од гласањето на граѓаните кои се позитивни на КОВИД-19 или се во самоизолација, а кои гласале на 13.07.2020 година, и гласачките ливчиња од гласањето на болните и немоќните лица, кои гласале на 14.07.2020 година, согласно одредбите на Изборниот законик и упатствата на Државната изборна комисија, не се отвораат и не се бројат пред денот на гласањето, туку истите, во пликови, се наоѓаат запечатени во гласачката кутија за соодветното избирачко место.

Истите, пред започнувањето на гласањето на самиот ден на гласањето, 15.07.2020 година, се вадат од гласачката кутија, едно по едно се вадат од пликовите и, без да се провери за кого е гласано, се ставаат во гласачката кутија за соодветното избирачко место. Истата потоа се користи за редовното гласање.

Напоменуваме дека на 13.07.2020 година и 14.07.2020 година не се објавуваат резултати од гласањето, туку само излезност, т.е. бројот на гласачи кои гласале.

Овие гласачки ливчиња, заедно со останатите ливчиња од гласањето на 15.07.2020 година, се пребројуваат по завршувањето на гласањето на 15.07.2020 година, по 21 часот.

Број на гласачи кои гласале во изолација поради КОВИД-19 на 13.07.2020

Државната изборна комисија ја одржа 77-та седница, која што ќе трае до завршувањето на гласањето на 15 јули 2020 година. На седницата ќе се разгледуваат сите работи поврзани со спроведувањето на гласањето на 13 јули 2020 година, 14 јули 2020 година и 15 јули 2020 година.

Во првиот дел од 77-та седница на Државната изборна комисија се одлучуваше по приговори за заштита на личното избирачко право, согласно член 149-а од Изборниот законик и истите беа одбиени.

На 76-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 12 јули 2020 година, се одобрија барањата за акредитација поднесени од ББЦ Србија, Евроњуз Албанија, Македонски центар за култура и развој, Агенцијата Анадолу Турција, АНА – МПА ЕРТ Телевизија Грција, Здружението на лица со посебни потреби Заедно можеме  – Гостивар и АДР Германија.

На седницата беа разгледувани приговори за заштита на личното избирачко право, согласно член 149-а од Изборниот законик, во врска со гласањето за Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието, поврзани со гласањето кое ќе се спроведува на 13 јули 2020 година (лица со позитивен тест на КОВИД – 19 и лица упатени во самоизолација) и за гласањето кое ќе се спроведува на 14 јули 2020 година (болни и немоќни лица). Овие приговори претходно беа разгледувани од страна на општинските изборни комисии, меѓутоа, сметајќи дека им е оневозможено правото на глас, од страна на подносителите беа доставени и на одлучување до Државната изборна комисија. За дел од приговорите Комисијата одлучи да се прифатат, а дел беа одбиени.

Државната изборна комисија ги одби и приговорите кои беа доставени по основ дека подносителите не се наоѓаат во Избирачкиот список, имајќи предвид дека рокот за истото е надминат, а Избирачкиот список е заклучен.

Државната изборна комисија, информираше дека заклучно со 12 јули 2020 година, вкупниот број на граѓани кои ќе го остварат своето право на глас на 13 јули 2020 година, изнесува 711 – граѓани кои се со позитивен тест на КОВИД – 19 или се наоѓаат во самоизолација, додека вкупниот број на граѓани кои што своето право на глас ќе го остварат на 14 јули 2020 година, како немоќни и болни, изнесува 8855.

Во однос на статусот на одобрени барања за акредитација за набљудување на изборниот процес за Предвремените избори за избор на пратеници во Собранието, 15 јули 2020 година, акредитирани се 2508 домашни набљудувачи, 98 меѓународни набљудувачи и 55 странски новинари, со што се покажува големиот интерес кој ќе даде поголем легитимитет на изборниот процес.

Државната изборна комисија ги обезбеди сите неопходни услови и средства за спроведување на изборите и апелираше до целата изборна администрација да работи транспарентно, професионално и согласно законската рамка.

Бидејќи, денес на полноќ започнува изборниот молк, Државната изборна комисија апелираше до учесниците во изборите, да се придржуваат до законот и доследно да го почитуваат изборниот молк, со цел да се придонесе за фер и демократски избори.

На 13 јули 2020 година и на 14 јули 2020 година, ќе гласаат лицата позитивни на КОВИД 19 и лицата во самоизолација, болни и немоќни лица, лицата кои се наоѓаат на издржување казна затвор или се наоѓаат во домашен притвор и лицата кои се наоѓаат во установи за вонсемејно згрижување.

Гласањето на 15 јули 2020 година, ќе започне во 07.00 часот а ќе заврши во 21:00 часот.

Број на пријавени гласачи кои ќе гласаат во изолација на 13.07.2020 и болни и немоќни, хронично болни лица, кои ќе гласаат на 14.07.2020

На 75-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 9 јули 2020 година, беа одобрени барањата за акредитација доставени од страна на Делегацијата на Европската Унија, Амбасадата на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Босна и Херцеговина во Скопје, Амбасадата на Косово, Амбасадата на Италија, Германската амбасада, Институтот за економски стратегии и меѓународни односви  – Охрид, Франс Пресс, Радиотелевизија Косово, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА и Турска радиотелевизија.

По доставениот Приговор за прекршување на одредбите од Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси од подносителот ВМРО- ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“, преку Државната комисија за спречување на корупцијата, беше едногласно одлучено дека не постои законски основ Комисијата да одлучува по истиот.

На седницата, беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација и следствено на тоа веднаш беше спроведен избор на претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.  

Имајќи предвид дека рокот за пријавување за гласање на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација, како и болни и немоќни лица, беше до 8 јули 2020 година, до 24:00 часот, Комисијата информираше дека вкупниот број на пријавени лица за гласање кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација е 742, а вкупниот број на пријавени лица за гласање како болни и немоќни е 9465. Меѓутоа, конечниот број на лица кои ќе го остварат правото на глас ќе биде дефиниран откако општинските изборни комисии ги прегледаат сите доставени барања и одлучат по истите, во смисла дали ги исполнуваат условите кои беа пропишани од страна на Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија информираше дека во тек е дезинфекција на сите избирачки места и истата ќе заврши во определениот рок, со што на терен активно се спроведуваат сите препораки и мерки за заштита од Коронавирусот, со цел да се обезбеди целосна здравствена заштита за сите учесници во изборниот процес.

Истовремено, Државната изборна комисија ја изврши распределбата на недоверливиот изборен материјал до општинските изборни комисии, а во текот на утрешниот ден, со асистенција на Министерството за внатрешни работи Државната изборна комисија ќе го предава доверливиот изборен материјал до сите општински изборни комисии.

На 74-та седница на Државната изборна комисија, одржана на 7 јули 2020 година, се одобрија барањата за акредитација поднесени од Австриската амбасада Скопје, Ал Џезира Англиски, Амбасадата на Унгарија во Скопје, Асосиејтед прес, Здружението на Националниот ромски центар, Амбасадата на Швајцарија во Скопје и АКСИОС 2017 Скопје.

Поднесениот приговор за попречување и оневозможување на изборна кампања, согласно член 73 став 1 од Изборниот законик, поднесен од Никола Димитров, кандидат за пратеник и носител на листата во Изборната единица 1 од Коалцијата „Можеме“ беше едногласно отфрлен, бидејќи Државната изборна комисија е ненадлежна за одлучување по овој приговор.

Државната изборна комисија ги усвои Посебниот образец бр.1 Записник за примопредавање на изборниот материјал за гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација од основниот Избирачки одбор на посебниот Избирачки одбор и Посебниот образец бр.2 Записник за предавање на изборен материјал за гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на КОВИД-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација од Општинската изборна комисија на посебниот Избирачки одбор.

Разгледано беше барањето за изземање на заменик член на општинската изборна комисија Чешиново  – Облешево, поради тоа што лицето не е повеќе во работен однос. Избор за нов заменик член не беше спроведен бидејќи општинската изборна комисија е функционална и кратки се роковите до денот на спроведување на гласањето.

На седницата, беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација и следствено на тоа веднаш беше спроведен избор на претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација. По однос на пријавувањето за гласање на овие лица, овозможено е покрај постојните начини за пријавување истото да го направат и преку апликацијата https://izolacija.sec.mk.

Државната изборна комисија ја информираше јавноста дека ќе биде организирана и спроведена симулација за безбедно гласање, на едно избирачко место, во која што ќе биде опфатен целиот изборен процес и на која што ќе бидат поканети медиумите, набљудувачите, претставници на Министерството за здравство и претставници на амбасадите во Република Северна Македонија.

Во врска со гласањето кое ќе се спроведува на 13 јули 2020 година и 14 јули 2020 година и имајќи предвид дека се работни денови, Државната изборна комисија препорача сите членови на избирачките одбори кои ќе го спроведуваат гласањето овие денови, да бидат ослободени од работа, без разлика дали истите се во работен однос во државна институција или приватен сектор.

На денот на Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 15 јули 2020 година забрането е  носење на маски за медицинска заштита на кои има партиски симболи. Истото претставува политичка пропаганда и согласно тоа известено е Министерството за внатрешни работи, да овластените полициски службеници кои ќе го обезбедуваат избирачкото место, покрај во самата просторија определена за гласање, да не дозволуваат лица со вакви партиски симболи да влегуваат во просториите за гласање.

Сите преземени активности, препораки и известувања ќе бидат објавени на веб страницата на Државната изборна комисија.

Одлука за изменување на Упатството за набљудување на изборите и изборната постапка, пречистен текст

Упатство за набљудување на изборите и изборната постапка, пречистен текст

Водич за набљудување – Парламентарни избори 2020

Skip to content