Упатство за ангажирање на лица од редот на вработените во секторите за информатичките технологии во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје или надворешни ИТ лица

Државната изборна комисија известува дека регистрациите на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) кои претходно се веќе регистрирани во ДИК и чие барање за упис е потврдено со Решение за упис во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) усвоен на 21та Седница на Државна изборна комисија на 10.09.2021 година, остануваат во сила и се важечки, односно истите не треба да поднесуваат нови барања за регистрирање во ДИК.

Радиодифузерите кои се претходно регистрирани во ДИК се должни да достават нови (корегирани) ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од Законот за измениување и дополнување  на Изборниот Законик објавени во Сл. Весник бр. 215/21 од 16.09.2021 година, најдоцна до 19 септември (недела) до 24,оо часот, додека печатените медиуми доколку имаат корекција на своите доставени ценовници можат да достават нови (корегирани) ценовници во истиот рок.

Сите радиодифузери и печатени медиуми кои претходно не се регистрирани во Регистарот за радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (електронски портали) на ДИК (не поднеле барање за упис, немале комплетна документација или го пропуштиле рокот) имаат право да поднесат ново барање до ДИК и да се регистрираат најдоцна до 19 септември до 24,00 часот. Овие радиодифузери и печатени медиуми со барањето за регистрација се должни да достават и ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од Измените на Изборниот Законик објавени во Сл. Весник бр. 215/21 од 16.09.2021 година, за предвремени парламентарни избори 2014, предверемени парламентарни избори 2016, локални избори 2017, претседателски избори 2019 и предвремени парламентарни избори 2020.

Радиодифузерите се должни ценовници да ги достават до АВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од три дена од денот на објавување на Ревидираниот Роковник, најдоцна на 19 септември до 24:00 часот.

Печатените медиуми кои имаат корекција на ценовниците се должни истите да ги достават до ДИК, ДКСК и ДЗР најдоцна на 19 септември до 24:00 часот.

Радиодифузерите и печатените медиуми што нема да се регистрираат или што нема да достават нови (корегирани) ценовници најдоцна до 19 септември (недела) – до 24,00 часот, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето.

Регистрираните радиодифузери како и радиодифузерите кои поднеле нови барања за регистрација, а кои што нема да достават нови (корегирани) ценовници во наведениот рок го губат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање и нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до ДИК, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена.

Документацијата од ова известување се поднесува електронски на следната електронска адреса [email protected] или во архивата на Државната изборна комисија на бул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје, најдоцна на 19 септември (недела) до 24:00 часот.

Архивата на Државната изборна комисија ќе работи на прием на барања за упис во регистарот на радиодифузери и печатени медиуми, на ден 18.09.2021 година (Сабота) од 10:00 часот до 18:00 часот и на ден 19.09.2021 година (Недела), од 10:00 часот до 24:00 часот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Согласно ново донесените измени и дополнувања во Изборниот законик потребно е определени изборни дејствија во изборниот процес да се усогласат со овие измени и за таа цел Државната изборна комисија го донесе Ревидираниот роковник за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините  и градоначалник на градот Скопје, 2021 година.

Понатаму, Државната изборна комисија го донесе Упатството за ангажирање на лица од редот на вработените во секторите за информатичките технологии во државната, јавната, општинската и администрацијата на градот Скопје или надворешни ИТ лица, кои ќе бидат  техничка поддршка на општинските изборни комисии и избирачките одбори за примена на техничката опрема на денот на гласање, според местото каде што се вработени.

Истовремено, Државната изборна комисија ја донесе Одлуката за објавување на описите на избирачките места, кои се објавуваат на веб страницата на Државната изборна комисија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Кодексот за фер и демократски избори, согласно кој учесниците во изборниот процес се обврзуваат да ги почитуваат принципите на демократија и доброто владеење, со цел да се зацврстат фундаменталните вредности на демократијата и довербата во изборниот систем. Со Кодексот за фер и демократски избори учесниците во изборниот процес се обврзуваат да ги почитуваат законите кои се релевантни за изборите и се обврзуваат да не вршат притисок врз гласачите, да не се користи говор на омраза и да не се врши дискриминација врз основа на пол.

Понатаму беа донесени Обрасците: број.13б – Записник за предавање/враќање на УБИГ од Државната изборна комисија на општинската изборна комисија, број 14а – Записник за предавање/враќање на УБИГ од општинската изборна комисија на избирачкиот одбор, број 15 – Записник за утврдената состојба на просторијата за гласање, изборниот материјал и гласачките кутии и функционалноста на УБИГ од избирачкиот одбор за гласачко место, број 16б – Записник за гласање, сумирање и утврдување на резултати од избирачки одбор за избор на градоначалник на општина, број 16в  – Записник за гласање, сумирање и утврдување на резултати од избирачки одбор за избори за членови на совет на општина и број 18 в – Посебен записник од гласањето по листа на кандидат за избор на градоначалник на Градот Скопје за избирачите кои се на издржување на казна затвор или се во притвор во казнено поправна установа/дом.

Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали), врз основа на поднесените барања за упис и доставените ценовници од радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) кои ќе обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за Локалните избори 2021 година.

Учесникот во изборната кампања не може да нарача платено политичко рекламирање од радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (интернет поратли) кои не се регистрирани во Регистарот.

Исто така, беше донесен и Правилникот за начинот на вршење на видео надзор во Државната изборна комисија.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На средбата помеѓу Државната изборна комисија и претставниците на Националниот институт за демократија NDI, која се одржа на 10 септември 2021 година, се дискутираше за проектот на NDI „Не за насилство врз жените во политика“.

Државната изборна комисија ја подржува борбата против насилство врз основа на било кој основ на род и пол, како и борбата против говор на омраза во политиката и истото го имплементира во сите активности и акти кои се во рамките на нејзина надлежност.

Исто така, Државната изборна комисија го подржува овој Проект и за таа цел двете страни се договорија да учествуваат во потпишувањето на Кодексот за оваа намена.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На средбата помеѓу Државната изборна комисија и претставниците на Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР, која се одржа на 7 септември 2021 година, се дискутираше за преземените активности од страна на Државната изборна комисија, за спроведување на Локалните избори 2021 година.

Државната изборна комисија информираше за поголемите предизвици со кои се соочува за овие избори, а тоа е нова изборна администрација и користење на уредот за биометриска идентификација на гласачите УБИГ. За изборната администрација активно се врши обучување од страна на сертифицираните обучувачи на Државната изборна комисија, со што бројот на обучувачи за овие избори е зголемен за 60 нови обучувачи, покрај веќе сертифицираните 70  обучувачи. За користењето на УБИГ е подготвено соодветно упатство за постапување.

Државната изборна комисија ги информираше преставниците од Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР за сите упатства и дејствија преземени во врска со родовата активност, безбедност во системот на Државната изборна комисја, како и за активностите кои тековно се одвиваат.

Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР информираше дека за овие избори ќе има 15 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени на девет локации низ територијата на Република Северна Македонија, кои ќе ја следат работата на изборната администрација, како и ќе остварат средби со политичките чинители и гласачите. На денот на гласањето ќе има 250 краткорочни набљудувачи распределени по повеќе избирачки места. Најпрво ќе биде подготвен времен извештај кој ќе содржи само опис на активностите, после завршување на Локалните избори 2021 година ќе достават извештај со прелиминарни наоди, а два месеца по завршувањето на изборите ќе го подготват конечниот извештај  со препораки за евентуални подобрувања.

Двете страни изразија задоволство од досегашната како и од претстојната соработката која ќе продолжи со цел да се спроведат овие избори успешно, во фер и демократска атмосфера, согласно законските прописи.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:

Упатството за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот со кое се уредува начинот на гласање со и без примена на уредот за биометриска идентификација на гласачите УБИГ, односно кој управува со УБИГ, како ќе се спроведува гласањето со употреба на УБИГ, постапување во случај УБИГ да е технички неисправен и неупотреблив, исклучоци од гласање со техничка опрема, постапка за гласање без примена на УБИГ и сл. Поради ова Државната изборна комисија го презентираше изгледот и начинот на кој функционира УБИГ, со цел гласачите да се запознаат со изгледот и начинот на гласање.

Понатаму, беше донесена Одлуката за утврдување на максималниот износ на средствата потребни за изнајмување на простории во приватна сопственост за спроведување на гласање за оние избирачки места каде што не постојат јавни објекти кои ги задоволуваат законските услови за спроведување на гласањето и за кои е определен максимален износ од 3000 денари.

Едногласно беше донесена и Одлуката за изгледот и содржината на испечатените изводи од избирачките списоци, каде што е определено кои податоци ќе бидат содржани во внатрешните страни на изводите од Избирачкиот список, во насока на правилна примена на одредбите од член 45 од Изборниот законик.

Истовремено, беше донесено и Упатството за прием, сместување и чување на УБИГ кои се наоѓаат во просториите на Државната изборна комисија, во насока на безбедносен аспект, сите процедури, протоколи за чување, прием и обезбедување на УБИГ.

Исто така на седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content