На седницата беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи за Локалните избори 2021 година поднесени од повеќе организации и амбасади.

Државната изборна комисија одлучуваше по приговори за заштита на лично избирачко право и по приговори поднесени од гласачи кои се одбиени по барање за гласање во своите домови како болни и немоќни лица.

На седницата беа донесени Препораки за работа на избирачките одбори за забрзување на постапката на гласањето во избирачките места, кои се доставени до општинските изборни комисии и избирачките одбори, а произлегуваат од анализата и искуствата на работата на избирачките одбори во првиот круг и се во функција на подобрување на постапката на гласањето во вториот изборен круг.

Имено, во избирачките места каде има запишано поголем број на гласачи, каде се групирани повеќе гласачки места во еден објект за гласање или во гласачките места каде ќе чекаат на ред за гласање повеќе гласачи, избирачките одбори треба да се грижат за организацијата на гласањето и за редот, а начин што:

  1. Еден член или заменик на избирачки одбор да излезе пред гласачките места, а по потреба и пред објектот за гласање за да им помага и да ги упатува гласачите до нивното гласачко место, поради полесно распоредување и намалување на редот за чекање,
  2. Избирачкиот одбор во избирачкото место да пушта континуирано гласачи и тоа веднаш после завршената идентификација на претходниот гласач со техничката опрема, а притоа водејќи сметка зад секој од параваните за гласање да има истовремено само по еден гласач.
  3. Идентификацијата со отпечаток од прст во техничката опрема (фингерпринт), Избирачкиот одбор да ја врши со по една проверка од секој показалец (десен па лев), а потоа доколку не најде совпаѓање, веднаш да се продолжи со пронаоѓање (идентификација) на гласачот преку МРЗ-читачот на техничката опрема или преку внес на ЕМБГ,
  4. Истовремено додека трае идентификацијата во техничката опрема, членот на Избирачкиот одбор кој ракува со изводот од избирачкиот список, треба да го пронајде гласачот и да го припреми изводот од Избирачкиот спиок за ставање на потпис (или отпечаток),
  5. За побрзо и полесно пронаоѓање на на гласачите во изводот од Избирачкиот список, избирачкиот одбор може да стави бележници за означување (стикери) на листовите за секоја почетна буква од презимињата на гласачите.

Исто така, како и во првиот круг остануваат препораките доколку има гужва во избирачкото место, избирачкиот одбор да не губи време со принтање на статистички извештаи за излезноста од техничката опрема, туку тоа да го направи телефонски до општинската изборна комисија според бројот на потпишани избирачи во Избирачкиот список кои гласале.

Бидејќи денес, на полноќ завршува изборната кампања Државната изборна комисија апелираше до политичките партии, кандидатите и медиумите да го почитуваат изборниот молк и Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија ги повика сите граѓани да излезат и да гласаат слободно. Гласањето е тајно, гласачките ливчиња се заштитени и не е можно да бидат злоупотребени.

Исто така, Државната изборна комисија побара од општинските изборни комисии и избирачките одбори да се однесуваат и да работат професионално, одговорно, без оглед на било каква партиска припадност. Тие се должни да го почитуваат Изборниот законик, упатствата, актите на Државната изборна комисија, како и насоките добиени на обуките, се со цел спроведување на регуларен изборен процес, што е од заеднички инстерес за сите.

Триесет и шестата седница останува отворена за што јавноста ќе биде дополнително известена.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата беше донесена Одлуката за поништување на Измената на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња бр.10-689/1 од 3 март 2020 година, донесена под број 08-3154/1 од 26 октомври 2021 година.

Имено, Државната изборна комисија информираше дека на вчерашната седница не го отстрани ставањето печат на гласачкото ливче. Ставањето на печат на гласачкото ливче е задолжително согласно  член 109 став (2) од Изборниот законик. Со тоа секој член на Избирачкиот одбор кој работи со гласачките ливчиња задолжително треба да стави печат на гласачкото ливче на местото предвидено за печат.

Ваквата измена на Упатството за примена на член 110 од Изборниот законик, произлезе од Пресудата на Управниот суд каде што меѓу  другото се вели … „ во таа смисла недозволиво е поради пропусти направени од членови на избирачкиот одбор, гласачите кои гласале и ја изјавиле својата волја на гласањето, нивните гласачки ливчиња кои немале печат да се сметаат за неважечки“.

Конкретно,  Управниот суд на Република Северна Македонија, е тој кој прогласи гласачки ливчиња без печат за важечки, а не Државната изборна комисија, напротив Државната изборна комисија укажа и побара од членовите на избирачките одбори задолжително да ставаат печат на гласачките ливчиња.

Поради ова, Државната изборна комисија го измени Упатството за важечко и неважечко ливче само во делот каде што се вели дека гласачкото ливче е неважечко ако на него нема ставено печат, со интенција да се почитува волјата на гласачот доколку е направен намерен или ненамерен пропуст од страна на Избирачкиот одбор. Истовремено, се укажува дека определувањето за важечко и неважечко гласачко ливче е опишано во член 110 и член 115 од Изборниот законик, додека постапката за гласање се пропишува со член 109 од Изборниот законик, со  што со измената на Упатството ниту еден од наведените членови од Изборниот законик не е прекршен.

Исто така, се укажува дека на самото гласачко ливче е испечатен бројот на гласачкото место на кое што припаѓа ливчето, со што се спречува и било каква друга манипулација со истото.

Имајќи ги предвид сите реакции од јавноста, Државната изброна комисија ја поништува измената на Упатството за примена на член 110 од Изборниот законик односно за важечко и неважечко гласачко ливче, со што во сила ќе го стави претходното Упатство.

Се нагласува дека избирачките одбори треба доследно да ја почитуваат одредбата од член 109 став (2) од Изборниот законик и задолжително да стават печат на гласачкото ливче на местото предвидено за печат.

Секој пропуст во овој дел ќе се третира како пропуст во постапката и доколку се утврди несоодветно работење на Избирачкиот одбор односно непочитување на било кој дел од постапката а особено на член 109 став (2) од Изборниот законик ќе биде предмет на покренување на кривична постапка.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше донесен Заклучокот за дополнување на Заклучокот за известување за конечност на резултати од гласањето за избор на членови на совет на општините и совет на Град Скопје и градоначалници на општините и Градоначалник на Град Скопје, одржани на 17 октомври 2021 година за соодветните општини, со кој се потврди конечноста на резултатите од гласањето за избор на совети на општините и изборот на градоначалници во општините Кисела Вода и Пласница.

Државната изборна комисија донесе Решение за повторување на гласањето на Избирачко место 0543, Дебар, за избор на членови на совет на Општина Дебар и избор на градоначалник на Општина Дебар и Решение за повторување на гласањето за избор на членови на совет на општина Шуто Оризари и совет на Град Скопје, на Избирачко место 2957/1 Шуто Оризари, откако претходно Управниот суд ги уважи тужбите на овластените подносители на приговорите кои Државната изборна комисија ги одби за овие избирачки места.

Исто така, Државната изборна комисија донесе изменување на Упатството за важечки и неважечки гласачки ливчиња. Во врска со ова Комисијата дополнително извести и ги задолжи избирачките одбори задолжително да постапуваат според членот 109 став (2) и да ставаат печат на секое гласачко ливче, но доколку има ливчиња без ставен печат, за таквите да постапат согласно член 115, а во врска со член 110 од Изборниот законик и таквите ливчиња да бидат важечки доколку вољата на гласачот е јасно изразена.

На седницата се одобрија барањата за добивање овластување за набљудувачи за Локалните избори 2021 поднесени од Здружението Млади европски федералисти, Американската амбасада Скопје и ОБСЕ – ОДИХР Канцеларијата за демократски институции и човекови права на изборите.

Седницата дополнително ќе продолжи за што јавноста ќе биде известена.

Донесените акти ќе бидат објавени на веб страницата на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше донесен Заклучокот за известување за конечност на резултати од гласањето за избор на членови на совет на општините и совет на Град Скопје и градоначалници на општините и Градоначалник на Град Скопје, одржани на 17 октомври 2021 година за соодветните општини.

По одржаното гласање на 17 октомври 2021 година за втор круг кој ќе се одржи на 31 октомври 2021 година, ќе се гласа во вкупно 44 општини и за Градот Скопје.

Согласно член 136 став (3) од Изборниот законик потребно е општинските изборни комисии веднаш да ги објават конечните резултати од гласањето одржано на 17 октомври 2021 година, а во рок од 24 часа од објавувањето да ја известат Државната изброна комисија заради потребата конечните резултати од гласањето одржано на 17 октомври 2021 година да се објават и на веб страницата на Државната изборна комисија.

Заклучокот ќе биде објавен на веб страницата на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беше донесена Одлуката за дополнување на Одлуката за доделување на средства за општинските изборни комисии за спроведување на Избори за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје, 17 октомври 2021 година, со која на општинските изборни комисии им се доделуваат средства за спроведување на вториот изборен круг, која висина на средства се одредува согласно бројот на избирачки места.

Понатаму беше донесена и Одлуката за утврдување на обликот на печатот со број на избирачко место кои ги користат избирачките одбори при спроведување на гласањето, кои претходно со решение на Државната изборна комисија се ставени вон употреба.

На седницата се одлучуваше по поднесени приговори од подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето.

Имено, во определениот законски рок, согласно член 148 од Изборниот законик, до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од повеќе подносители на листи и тоа ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, Коалиција најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ, Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, Движење Одлучно за промени, Демократска партија на Турците на Македонија, Левица и Демократска унија за интергација.

Од страна на Твоја партија беше доставен приговор за непочитување на одредбите за активностите и времетраењето на изборната кампања, но бидејќи не беше доставен во законски определениот рок едногласно беше отфрлен. Исто така и Барањето за увид во неважечките ливчиња доставено од Единствена Македонија, беше доставено вон законскиот рок.

Приговорите поднесени од ВМРО – ДПМНЕ и Коалиција Обнова на Македонија, Коалиција најдоброто за мојата општина предводена од СДСМ, Демократска унија за интергација и дел од Коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива, од страна на овластените подносители на листи беа писмено повлечени.

Останатите приговори Државната изборна комисија ги одби поради тоа што истите не беа поткрепени со факти и докази. Подносителите на приговорите не го искористиле правото и можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални нерегуларности во изборниот процес, да се стават свои забелешки за евентуални неправилности доколку биле евидентирани преку своите овластени претставници во записниците на избирачките одбори или општинските изборни комисии, како за постапката за гласање така и за сумирање и утврдување на резултатите.

Во прилог на приговорите не беше доставен соодветен доказ за наводите кои беа наведени во нив, а во Записникот бр.16 и Записникот бр.21 за секое избирачко место кое е предмет на приговор, немаше забелешка од ниту еден член од избирачките одбори, ниту од овластените претставници од подносителите на листите (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), кое исто беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците од страна на Државната изборна комисија.

Исто така не беше постапено и согласно член 117 став (6)  каде  е наведено дека доколку забелешките на претставниците на подносителите на листите не се евидентирани во записникот, тие имаат право да ги достават до општинската изборна комисија во рок од 5 часа од составувањето на записникот и забелешките согласно одредбите од член 116 став 3 да бидат основа за приговор.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На продолжението на седницата на Државната изборна комисија беа разгледани поднесените приговори од ВМРО –ДПМНЕ и Коалиција „Обнова на Македонија“ за кампања за време на изборен молк, согласно член 69 –а од Изборниот законик. Во наводите за двата приговори станува збор за активности и дејствија од страна на кандидатите за градоначалник кои ги објавиле на социјалните мрежи, меѓу кои едниот од кандидатите на лична социјална мрежа. Статусот на социјалните мрежи не е дефиниран и опфатен во Изборниот законик што значи Државната изборна комисија неможе да заземе објективен став и да постапува во вакви случаи. Дополнително на тоа приговорот за Општина Ѓорче Петров се однесува на објава која е објавена за време на траењето на изборната кампања, кога сеуште не бил започнат изборниот молк.

Согласно горенаведеното Државната изборна комисија едногласно ги одби поднесените приговори.

Истовремено, Државната изборна комисија информираше дека седницата не се пренесуваше во живо од причини што просторните капацитети и техничките услови не беа исполнети за пренос на истата, поради приемот на уредите за биомтериска идентификација на гласачите кои општинските изборни комисии ги доставуваат до Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

И оваа година на денот на изборите активен ќе биде телефонски број 076 488 360 на кој лицата со оштетен служ и говор преку видео повик ќе можат да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

На седницата на Државната изборна комисија беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година поднесени од Алџезир Балкан – дописништво Скопје, Цивил, Граѓанската превенција „Превенција за време на избори“ и дополнувањето од Државната изборна комисија на Босна и Херцеговина.

Државната изборна комисија ги иззема членовите на посебните избирачки одбори кои ги исполнуваа условите да бидат изземени и согласно тоа спроведе случаен избор за претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.

На седницата беше донесена Одлуката за утврдување на обликот на 183 печати со број на избирачко место кои ги користат избирачките одбори при спроведување на гласањето а се ставени вон употреба.

Државната изборна комисија информираше за преземените завршни активности непосредно пред денот на гласање и тоа:

  • За претседателите и замениците на претседателите ќе се спроведуваат дополнителни обуки за ракување со уредот за биометриска идентификација на гласачите, кои е планирано да завршат до 15 октомври 2021 година. Потребно е сите да учествуваат во обуките, а работодавачите да ги ослободат од работните обврски горенаведените лица за времетраењето на обуките.
  • За денот на спроведување на изборите Државната изборна комисија обезбеди ИТ лица за техничката поддршка со ракувањето со уредите за биометриска идентификација на гласачите, кои дел се  обезбедени преку Дермалог, дел преку базата на Министерството за информатичко општество и администрација и дел преку Јавниот повик, со што сите општински изборни комисии ќе располагаат со соодветен број на ИТ лица, согласно бројот на избирачки места.
  • Изборниот материјал е комплетен. Недоверливиот гласачки материјал веќе се доставува до општинските изборни комисии, а доверливиот изборен материјал Државната изборна комисија со полициска придружба ќе го доставува на 14 октомври 2021 година (четврток). Уредите за биометриска идентификација на гласачите ќе се доставуваат на 15 октомври 2021 година (петок), исто со полициска придружба. Изборниот материјал ќе биде постојано обезбедуван од припадниците на Министерството за внатрешни работи.
  • Уредите за биометриска идентификација на гласачите се наполнети со податоците добиени од Министерството за внатрешни работи. Податоците во нив се криптирани, чувањето и преносот на податоците се обезбедува со соодветни процедури и истите во ниедна фаза неможе да бидат злоупотребени. Тоа важи и за податоците на граѓаните кои ќе излезат да гласаат како и за податоците на оние граѓани кои нема да излезат да гласаат.
  • Уредот за биометриска идентификација на гласачите ги регистрира сите дејствија и обиди за идентификација на секој гласач и истите ги чува заштитени во вид на логови. Заради заштита на процесот на гласање и заштита на избирачкото право, доколку има сомнежни за евентуални злоупотреби од страна на гласачи, Државната изборна комисија ќе може да ги спореди сите отпечатоци од граѓаните кои гласале со отпечатоците во базата на ниво на цела држава. Тоа значи дека секој евентуален обид за манипулација ќе биде откриен и ќе се обезбеди законското правило  „еден гласач=еден глас“.
  • Ако било кое лице се обиде два пати да гласа на исто избирачко место, или ако повторно се обиде да гласа на друго избирачко место, неговиот обид ќе биде евидентиран во уредот и подоцна лицето ќе биде идентификувано од страна на Државната изборна комисија. Кривичните санкции за ова се огромни.
  • По завршување на гласањето податоците од уредите за биометриска идентификација ќе бидат испразнети согласно пропишаната процедура и избришани во определениот рок. Постапката ќе се повтори за општините каде ќе се гласа во втор круг.

Истовремено, Државната изборна комисија информираше дека гласањето за болни и немоќни ќе се спроведува на 16 октомври 2021 година (сабота). До општинските изборни комисии барање за гласање на болни и немоќни доставиле вкупно 7891 лица, од кои досега 3 545 лица се прифатени, а 283 лица се одбиени. Обработката на барањата од страна на општинските изборни комисии е сеуште во тек.

На 16 октомври 2021 година (сабота) гласаат и лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација и во законски опредлениот рок пријавени се вкупно 476 лица.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Со цел да обезбеди независно, непристрасно и правично разгледување и одлучување по приговорите Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот и постапката за решавање на приговори кои се во надлежност на Државната изборна комисија, со кое се уредуваат минималните услови за формата и содржината на приговорот, начинот на поднесување и регистрирање на приговорот, начинот на предлагање и проверка на доказите, увидот во избирачкиот материјал, известувањето на подносителот на приговорот и на јавноста, процедурите за анализа и одлучување по приговорите, поништување и повторување на гласањето, постапката за оперативно следење на приговорите и пристапот до базата на податоци, начинот на чување и архивирање на приговорите, документите, изборниот материјал и други прашања од значење за правната заштита на изборниот процес, по однос на приговорите поднесени од избирачите и овластените подносители на листи на кандидати согласно член 69-а, 108-б став 3, 148, 149 ст.2 и 149-а од Изборниот законик, а во врска со член 147, 147-а и член 151 од Изборниот Законик. Во врска со ова посебно беа образложени деловите од Правилникот за начинот на постапување на Државната изборна комисија поради проверка на податоците на уредите за биометриска идентификација на гласачите, што претставува основ за одлучување согласно измените на Изборниот законик.

Податоците за отпечатоците од прсти од Избирачкиот систем кои до Државната изборна комисија ги достави Министерството за внатрешни работи за биометриска идентификација на гласачите на денот на изборите, се чуваат во централен систем инсталиран во Државната изборна комисија. Истите ќе бидат импортирани до уредите за биометриска идентификација на гласачите кои се користат на денот опредлелен за гласање, а по завршувањето на гласовите, уредите се враќаат до општинските изборни комисии а тие ги враќаат до Државната изборна комисија, каде 10 дена по објавување на конечните резултати од изборите се врши трајно бришење на отпечатоците на прсти. За таа цел на седницата беше донесено Упатството за начинот и постапката на чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од Избирачкиот список.

Бидејќи и Локалните избори 2021 година ќе се спроведуваат во услови на пандемија поради Коронавирусот, Државната изборна комисија ги усвои Задолжителните препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес и заклучи истите да ги достави на мислење до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

На седницата беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година поднесени од повеќе организации и амбасади, со што заклучно со денешната седница за овие избори Државната изборна комисија издаде вкупно 1040 акредитации.

Државната изборна комисија спроведе случаен избор за претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.

По однос на пријавувањето за гласање на овие лица, овозможено е покрај постојните начини за пријавување истото да го направат и преку апликацијата https://izolacija.sec.mk.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Упатство за начинот и постапката за решавање на приговори кои се во надлежност на Државната изборна комисија

Упатство за начинот и постапката на чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од избирачкиот список

Skip to content