Државната изборна комисија (ДИК) се приклучува кон одбележувањето на Глобалниот ден на изборите, кој традиционално се одбележува секој прв четврток во февруари. Овој ден е посветен на истакнување на значењето на изборните процеси како основа на демократијата и на унапредување на изборните стандарди низ светот.
Изборите се темел на демократијата, а сите изборни органи на соодветен начин го истакнуваат значењето на овој ден, потенцирајќи ја важноста на транспарентни, фер и кредибилни изборни процеси.
Како највисок орган за организирање и спроведување на изборите во Република Северна Македонија, ДИК во континуитет придонесува за позитивната слика и угледот на државата, зацврстувајќи ги демократските процеси преку спроведување на избори согласно домашното законодавство и највисоките меѓународни стандарди.
Годинава е изборна година, и ДИК веќе ги прави сите неопходни подготовки за спроведување на претстојните Локални избори. Во овој процес, Комисијата соработува со различни чинители, меѓу кои се државните институции, политичките партии, граѓанските организации, медиумите и меѓународните партнери, со цел обезбедување инклузивен и кредибилен изборен процес.
Во оваа прилика, ДИК им изразува благодарност на сите соработници кои со својата посветеност придонесуваат за успешното организирање на изборите. Веруваме дека натамошната коректна и професионална соработка ќе продолжи и во иднина.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА