Денес, претставници од Венецијанската комисија во просториите на Државната изборна комисија одржуваат еднодневна постизборна работилница за членовите и вработените во ДИК како и за претставници на општинските изборни комисии. Предавачи на оваа еднодневна работилница се Еирих Холмојвик, Флоренс Гану, Срѓан Дамјановиќ и Михаел Јансен. Настанот го отворија членовите на Државната изборна комисија Дитмире Шеху и Оливер Ристовски и Олег Солдатов, раководител на програмската канцеларија на Советот на Европа.
Околу 50- тина учесници на работилницата дискутираат за стандардите и насоките на Советот на Европа а се разговара и за мислењата и извештаите на Венецијанската комисија. Преку интерактивен пристап на предавачите од Венцијанската комисија, со учесниците се споделуваат практични искуства од различни земји и се елаборираат предлози за унапредување на праксата и механизмите за решавање по однос на поднесени приговори од страна на гласачите.
Работилницата е поделена во три сесии на кои се обработуваат меѓународните норми и добрите практики во решавање на приговори за време на изборите, се прави анализа на праксата од минатите изборни циклуси и преку менторирање на групите учесници, се работи на развивање на прашањето за постапување со приговорите како и унапредување на алатките за нивно решавање.
Во рамките на предавањето, експертите од Венецијанската комисија заедно со учесниците ги диксутираат и препораките од набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарните избори одржани во Северна Македонија на 24 април и 8 мај 2024 година а кои даваат насока за подобрување и унапредување на изборниот процес во различни сегменти.
Работилницата е во организација на ДИК и Венецијанската комисија и истата се одржува како резултат на потребата од евалуација на изборната пракса од последните претседателски и парламентарни избори во Северна Македонија со акцент на решавање на приговори, постапка и техничка подршка.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА