На седницата ДИК одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.

Притоа, ДИК апелираше до општинските изборни комисии да пристапат со поголема професионалност во извршувањето на обврските и задачите кои се должни да ги спроведуваат согласно Изборниот законик и подзаконските акти донесени од ДИК.

Честите барања за изземање не треба да бидат основ за неактивност на ОИК бидејќи во составот на ОИК има членови и нивни заменици, а ОИК може да работи полноважно со мнозинство членови. Особено важно е што ОИК е составен од државни службеници кои согласно Изборниот законик се должни да ги спроведуваат изборните дејствија, а дотолку повеќе што истите се ослободени од работните обврски во институциите каде имаат засновано работен однос и земаат паричен надоместок согласно правилниците на ДИК, со една единствена причина работата да се извршува законски, професионално и без никаков застој или доцнење на роковите.

Понатаму, во ДИК има назначени координатори кои ја контролираат и ја олеснуваат работата на ОИК и затоа е потребно да има поголема одговорност, отчетност и ажурност од нивна страна.

Исто така, ДИК ја нагласи важноста од учество во обуките кои ги спроведуваат сертифицираните обучувачи, на сите ОИК и ИО, без разлика дали се ново избрани или не, бидејќи овој процес е задолжителен и неговата крајна цел е максимална професионализација на изборните органи.

Истовремено, ДИК издаде овластувања за набљудување (вкупно 13) по поднесеното барање од Централната изборна комисија на Република Косово за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content