На седницата ДИК поврзано со претходно одржаниот настан потпишување на Кодексот за фер и демократски избори за претстојните претседателски избори, а со оглед на фактот дека истата беше прозвана од дел од кандидатите во врска со работењето на Комисијата најпрво ја информираше јавноста со следното:

  • Кандидатите и политичките партии мора да го познаваат Изборниот законик доколку учествуваат во изборниот процес, како и надлежноста на ДИК, а не неосновано да изнесуваат непроверени и паушални напади за работата на Комисијата.
  • ДИК не е политичка партија, ниту политички противник на било кој од кандидатите и оваа реакција нема за цел да им прави промоција на истите, туку е нужна бидејќи Комисијата неможе да премолчува пред напади, притисоци и невистини кои се насочени кон нејзината работа и одлучување.
  • ДИК нема надлежност да организира јавни политички дебати.
  • ДИК не е надлежна за распределување на финансиските средства на политичките партии и кандидатите, туку тоа е предвидено во Изборниот законик.
  • ДИК не е овластен предлагач на Изборниот законик и не ги определува правилата во изборите.
  • Кандидатите, доколку имаат забелешки околу законската регулатива, истите треба да ги решаваат во Собранието, заедно со политичките партии.
  • ДИК единствено го спроведува Изборниот законик и се грижи за организацијата на изборниот процес согласно своите законски надлежности.

Со горенаведеното, ДИК има за цел да покаже дека нема да дозволи никакви мешања и влијание врз нејзината работа од страна на политичките партии и кандидтатите во нејзината надлежност и со оваа реакција го штити својот професионален углед и институционален интегритет како и угледот и сликата на изборниот процес.

На седницата, ДИК ја донесе Одлуката за заклучување на Избирачкиот список. По спроведените промени на податоците за граѓаните во Избирачкиот список кои произлегоа од Јавниот увид, како и ажурирањето на податоците во Избирачкиот список согласно законските одредби, Државната изборна комисија го заклучи Избирачкиот список со следната состојба:

  • За Изборите за Претседател на Република Северна Македонија, кои ќе се одржат на 24 април 2024 година:
    • вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија – 1.814.317.
  •  За Изборите за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година:
    • вкупен број на гласачи запишани во Избирачкиот список во Република Северна Македонија – 1.815.350.

Истовремено, Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот на гласање на избирачки места со помалку од 10 избирачи, согласно кое граѓаните од 120 избирачки места на подрачјето од 33 општински изборни комисии, каде се евидентирани помалку од 10 гласачи, своето уставно загарантирано право на глас ќе го остварат во најблиското избирачко место со над 10 избирачи.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content