На 91-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 27 март 2024 година, беа разгледувани и донесени следните подзаконски акти:
- Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, во кое се предалага откако ќе го остварат своето избирачко право и откако по сопствен избор ќе гласаат или само за претседателски или само за парламентарни избори, граѓаните потоа НЕМА да можат повторно во текот на денот да дојдат на избирачкото место и да гласаат за оној вид на избори за кои не гласале и претходно не го искористиле даденото право на избор. Според Упатството избирачкиот одбор задолжителнио ќе ги прашува граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, а граѓаните имаат право да изберат и да се изјаснат за кој вид на избори ќе гласаат и тоа:
само за претседателски избори,
само за парламентарни избори или
и за претседателски и за парламентарни избори.
Следствено на тоа, Државната изборна комисија информираше дека Упатството за начинот за утврдување на идентитетот на гласачот, кое е сеуште во сила ќе се применува во првиот круг на гласање, во кое дополнително ќе стои измената согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите во 2024 година, односно избирачите да може да гласаат со лична карта или со патна исправа чија што важност истекла во периодот од 9 месеци до денот на одржување на изборите.
- Упатството со кое се уредува начинот и постапката за чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од електронскиот избирачки список, кои во електронски облик се внесени во централниот систем инсталиран во просториите на Државна изборна комисија и во уредите за биометриска идентификација на гласачите.
- Упатството за начинот на именување на членови на избирачките одбори по предлог на политичките партии за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година, во кое за потребите на политичките партии при формирањето на избирачките одбори, во прилог на истото е содржано конкретно и прецизно појаснување на постапката.
- По завршувањето на рокот за поднесување на пријави, утврден во член 50-а став 8 од Изборниот законик за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија, Државната изборна комисија утврди дека на Претседателските избори 2024 година своето право на глас во странство ќе можат да го остварат вкупно 2.571 граѓани во 31 ДКП и конзуларни канцеларии и тоа во: Абу Даби, Белград, Берлин, Берн, Бон, Брисел, Вашингтон, Венеција, Виена, Детроит, Загреб, Камбера, Копенхаген, Лондон, Љубљана, Мелбурн, Минхен, Њујорк, Осло, Париз, Прага, Рим, Стокхолм, Торонто, Хаг, Чикаго, Анкара, Варшава, Мадрид, Пекинг, Софија и согласно на тоа го усвои Заклучокот за усвојување на извештајот во врска со поднесените пријави со кои граѓаните се пријавуваа за гласање во дипломатско-конзуларните претставништва и конзуларни канцеларии на Република Северна Македонија во странство.
- Воедно, Државната изборна комисија го донесе и Решението за неспроведување на гласањето во дипломатско – конзуларните претставништва и конзуларните канцеларии на Република Северна Македонија во странство по поднесените листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија за Изборна единица 7. Сите избирачи кои се пријавиле за гласањето а кои ги исполнуваат законските услови, ќе бидат запишани во изводите и во посебните изводи од Избирачкиот список за гласање во Република Северна Македонија, на избирачките места според адреса на живеење, каде ќе можат да го остварат своето гласачко право на Избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024 година.
- Заради успешно спроведување на изборите и олеснување на работата на изборната адимистрација, Државната изборна комисија ги донесе Прирачникот за едукација на општинските изборни комисии и Прирачникот за едукација на избирачките одбори.
- Државната изборна комисија ги усвои Образецот број 16а за гласање, сумирање и утврдување на резултати од ИО за избирачко место за избор за Претседател на Република Северна Македонија и Образецот бр.21 за сумирањето на резултатите од гласањето.
Понатаму, Државната изборна комисија одлучуваше по барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии и по истите беше извршен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.
Истовремено, по поднесените барања за акредитација на набљудувачи за Изборите за претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2024 година од страна на Меѓународна организација за изборни системи ИФЕС – канцеларија во Северна Македонија и Набљудувачката мисија за изборите на ОБСЕ ПА, Државната изборна комисија издаде овластувања за набљудување.
На седницата беше спроведена и ждрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на 78-а од Изборниот законик за Изборите за Претседател на Република Северна Македонија.
Исто така, Државната изборна комисија по Известувањето од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за одземена дозвола на радио дифузер направи измена на регистрите на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) за изборите за претседател на Република Северна Македонија и за изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница на Државната изборна комисија.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА