Денес, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, учествуваше на панел дискусија за „Зајакнување на соработката помеѓу институциите за проценка на изборните ризици“, заедно со министри и одговорни лица на институции кои имаат надлежност во областа на изборните ризици.
Во своето излагање на панелот, Претседателот Даштевски истакна дека заштитата на интегритетот и правичноста на изборите е најважна за одржување на принципите на демократијата и дека Државната изборна комисија континуирано се залага за силна меѓуинституционална соработка, каде што различните засегнати страни работат рака под рака со цел справување со предизвиците и заштита на изборниот систем од ризици.
„Во соочувањето со предизвиците од областа на изборните ризици, Државната изборна комисија не може да работи изолирано. Од суштинско значење е заедничкиот пристап кој вклучува повеќе институции на различни нивоа на управување. Соработката поттикнува синергија, здружувајќи ја експертизата, ресурсите и перспективите за да се изградат сеопфатни стратегии кои најсоодветно ќе се справат со ризиците.“ истакна Претседателот Даштевски во своето обраќање на панел дискусијата.
Како клучни партнери во меѓуинституционалната соработка за проценка на изборните ризици, Даштевски ги посочи минстерствата кои што играат важна улога за да се обезбеди непречено спроведување на изборите, агенции за сајбер безбедност, граѓанските организации и медиумите.
На крајот од своето обраќање, претседателот на ДИК апелираше до сите присутни претставници од засегнатите институции и организации да ги негуваат партнерствата и дека само со неуморна работа може да се ублажат изборните ризици.
„Меѓуинституционалната соработка не е само прагматична неопходност, туку морален императив за заштита на интегритетот на нашите изборни процеси. Како претседател на Државната изборна комисија, би апелирал до сите вас да се заложиме да негуваме партнерства, да создаваме сојузи и да работиме неуморно со партнерските институции за да ги ублажиме изборните ризици и да ги поддржуваме демократските идеали врз кои е изградена нашата држава. Заедно, можеме да ја зајакнеме демократијата, осигурувајќи дека гласот на секој граѓанин се слуша и секој глас е важен.“ додаде Даштевски.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА