Денес, Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски учествуваше на семинарот „ Набљудување на изборите и проценка на изборната админситрација кој се одржува во Виена, Австрија, во организација на ОДИХР.

Во своето обраќање на тема „ Успесите и предизвиците во предлагањето и спроведувањето на изборните реформи во Северена Македонија“, претседателот Даштевски се осврна на покрупните изборни реформи што ги има имплементирано ДИК во последните години. Тој го презентираше искуството со воведување на уредите за биометриска идентификација како и резултатите од спроведената реформа, реализацијата на обуките за избирачките одбори како и интегрирањето на родовите аспекти во работењето на ДИК. Исто така, Даштевски го презентираше и планот за формирање на Центар за обуки за избори кој што треба да почне да функционира до пролетта 2024 година.

Даштевски се осврна и на соработката со ОБСЕ и поддршката која ДИК ја добива од оваа организација  особено во напорите за спроведување на изборните реформи.  Тој потенцираше дека Државната изборна комисија континуирано ги следи препораките на ОБСЕ кои се однесуваат на изборните процеси, законската рамка и изборниот систем, изборната администрација, регистрација на гласачи, регистрација на кандидати, кампања и финансирање на кампања, медиуми, приговори и жалби, граѓански и меѓународни набљудувачи како и препораки за процесот на гласање на денот на изборите. „Исто така, со помош на ОБСЕ во 2021 година донесовме нов Деловник за работа на ДИК како и Правилник за работа на помошното тело кое ДИК го ангажира за време на избори што е особено значајно за унапредување на работата на институцијата и администрацијата. Се заблагодаруваме на ОБСЕ за досегашната соработка и очекуваме истата да продолжи уште поинтензивно и во наредниот период.“ – истакна претседателот Даштевски.

Обраќањето на Даштевски на семинарот во Виена беше во рамки на сесијата„ Улогата на телата кои управуваат со изборите и другите  телата кои управуваат со изборите и другите чинители во имплементација на клучните принципи за изборната администрација “.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content