Членови на Државната изборна комисија, минатата недела учествуваа на регионалната конференција „ Јакнење на ефикасноста на изборната администрација во Западен Балкан“ што се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина, во организација на ОДИХР и ОБСЕ мисијата во Босна и Херцеговина.

Во своето обраќање, претседателот на ДИК, Даштевски се осврна на поголемите изборни реформи што се случија во последните години во Македонија.

Даштевски ги презентираше искуството и предизвиците со кои се соочуваше ДИК при воведување на уредот за биометриска идентификација на гласачите во постапката за гласање, важноста на интегрирањето на родовите аспекти во работењето на ДИК во насока на отпочнување на процесот на родова сензибилизација, обуките за изборната администрација како и плановите за формирање на Центарот за обуки.

„Основната цел на Стратешкиот план на ДИК за периодот 2021-2024 година е да постави среднорочна, четиригодишна стратегија за унапредување на работата на ДИК преку одржување на кредибилен изборен систем, континуирано унапредување на изборниот процес и постојана поддршка на сите учесници во изборите во остварувањето на нивните избирачки права. Од него произлезе развивањето на Родовиот акциски план на ДИК, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје“ – истакна претседателот Даштевски.

Обраќањето на претседателот Даштевски беше во рамки на сесијата „ Улогата на органите за управување со изборите при изборни реформи и нивно следење: Предизвици и научени лекции“.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content