Од 11 до 15 јули 2022 година Државната изборна комисија престојуваше на студиска посета во Република Грузија.

Централната изборна комисија на Грузија (ЦИК) беше домаќин на претставници на Државната изборна комисија (ДИК), каде се одржаа средби помеѓу двете изборни комисии. Претседателот на ЦИК, Ѓорѓи Каландаришвили, на делегацијата од ДИК им ги претстави иновациите од изборна технологија имплементирани во 2021-2022 година. Домаќините беа заинтересирани да дознаат повеќе и за употребата на изборната технологија од страна на ДИК.

„Споделувањето на искуството помеѓу изборните комисии е од клучно значење. Денеска имаме можност да споделиме информации со делегацијата на ДИК за реформите и иновациите што ги спроведува грузиската изборна администрација, како и да се запознаеме со нивното искуство во однос на технолошките иновации“, рече Ѓорѓи Каландаришвили.

Во фокусот на интересот на делегацијата на ДИК беше работата на Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (Центар за обука) на ЦИК, начинот на негово формирање, структурата, финансирањето на активностите, стратешкиот план, како и начинот на негова реализација.

„Главната цел на нашата посета е да го проучиме функционирањето и активностите на Центарот  за обуки на ЦИК и да споделиме искуство. Имавме успешни средби со претседателот на Централната изборна комисија, како и со директорката на Центарот за обуки, на кои разговаравме за важни прашања. Сметам дека споменатите средби се значајна за двете земји и ќе придонесат за продлабочување на нашата идна соработка“, истакна претседателот на ДИК, проф. д-р Александар Даштевски за центарот за медиуми на грузиската ЦИК.

Натија Заалишвили, директорка на Центарот за обука на ЦИК одржа презентација со детали за активностите на центарот пред членовите на делегацијата. Во рамките на посетата, претставниците на ДИК се запознаа со работата на Центарот за обука, а присуствуваа и на тековните обуки за членовите на окружните изборни комисии на тема односи со јавноста, кои ги спроведуваа вработени во Секторот за стратешки комуникации на ЦИК.

Дополнително, се реализираше средба на делегацијата и со окружната изборна комисија Боржоми.

Студиската посета на Државната изборна комисија во Грузија беше реализирана со поддршка на Меѓународната фондација за изборни системи (IFES).

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content