На седницата на Државната изборна комисија беше донесена Дополната на заклучокот за известување за конечност на резултати од гласањето за избор на градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје, по одржан втор изборен круг на 31 октомври 2021 година, за соодветните општини.

На седницата се разгледуваше и одлучуваше по поднесени приговори од подносител на листа на кандидати во постапката за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето.

Во законски определениот рок до Државната изборна комисија беа поднесени приговори од повеќе подносители на листи и тоа Трајно Македонско Радикално Обединување ТМРО, Демократска унија за интеграција – ДУИ и Група Избирачи Енвер Пајазити.

Имено, бидејќи приговорите поднесени од Трајно Македонско Радикално Обединување ТМРО, не се поднесени согласно член 148 од Изборниот законик, односно не се поднесени преку овластен претставник, не се потпишани од овластениот претставник и се доставени до општинската изборна комисија, Државната изборна комисија едногласно ги отфрли.

Дел од приговорите поднесени од Демократска унија за интеграција – ДУИ и сите приговори поднесени од Група Избирачи Енвер Пајазити беа едногласно одбиени поради тоа што не беа поткрепени со факти и докази. Во наводите на приговорите немаше никакви образложенија за наводите за несовпаѓање на податоците од записниците, додека во самите записници и  дневниците на настани, немаше никакви забелешки од овластените претставници на подносителите на листи на кандидати или од членовите или замениците на избирачките одбори.

Во врска со ова беше истакнато дека подносителите на приговорите не го искористиле правото и можноста која е дадена согласно Изборниот законик да се постапува во случај на евентуални неправилности во постапката на гласање и сумирање на резултатите, да се стават свои забелешки за евентуални неправилности доколку биле евидентирани.

Исто така, во прилог на приговорите не беа доставени други соодветени факти или докази за наводите кои беа изнесени во нив (согласно член 116 став 3 од Изборниот законик), што беше утврдено по повеќекратните проверки и увид во записниците и останатиот доверлив изборен материјал од страна на Државната изборна комисија.

По неколку приговори поднесени од Демократската унија за интеграција ДУИ, од страна на Државната изборна комисија согласно член 148 став 3 од Изборниот законик, а во врска со член 108-а точка 10 од истиот закон, по предлог на член на Државната изборна комисија беше извршен увид во гласачкиот материјал, но беше констатирано дека сите податоци се совпаѓаат, а наводите од приговорите се неосновани и истите беа одбиени.

Само по однос на приговорот поднесен од Демократска унија за интеграција, за Избирачкото место 2107 Желино, беше констатирано дека едно лице гласало со неважечка лична карта, а во Извештајот од уредот за биометриска идентификација на гласачите нема совпаѓање со податоците од Записникот бр.16 и согласно тоа Државната изборна комисија го прифати приговорот и го поништи гласањето на ова гласачко место.

Донесените акти ќе бидат објавени на веб страницата на Државната изборна комисија.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content