На седницата беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи за Локалните избори 2021 година поднесени од повеќе организации и амбасади.

Државната изборна комисија одлучуваше по приговори за заштита на лично избирачко право и по приговори поднесени од гласачи кои се одбиени по барање за гласање во своите домови како болни и немоќни лица.

На седницата беа донесени Препораки за работа на избирачките одбори за забрзување на постапката на гласањето во избирачките места, кои се доставени до општинските изборни комисии и избирачките одбори, а произлегуваат од анализата и искуствата на работата на избирачките одбори во првиот круг и се во функција на подобрување на постапката на гласањето во вториот изборен круг.

Имено, во избирачките места каде има запишано поголем број на гласачи, каде се групирани повеќе гласачки места во еден објект за гласање или во гласачките места каде ќе чекаат на ред за гласање повеќе гласачи, избирачките одбори треба да се грижат за организацијата на гласањето и за редот, а начин што:

  1. Еден член или заменик на избирачки одбор да излезе пред гласачките места, а по потреба и пред објектот за гласање за да им помага и да ги упатува гласачите до нивното гласачко место, поради полесно распоредување и намалување на редот за чекање,
  2. Избирачкиот одбор во избирачкото место да пушта континуирано гласачи и тоа веднаш после завршената идентификација на претходниот гласач со техничката опрема, а притоа водејќи сметка зад секој од параваните за гласање да има истовремено само по еден гласач.
  3. Идентификацијата со отпечаток од прст во техничката опрема (фингерпринт), Избирачкиот одбор да ја врши со по една проверка од секој показалец (десен па лев), а потоа доколку не најде совпаѓање, веднаш да се продолжи со пронаоѓање (идентификација) на гласачот преку МРЗ-читачот на техничката опрема или преку внес на ЕМБГ,
  4. Истовремено додека трае идентификацијата во техничката опрема, членот на Избирачкиот одбор кој ракува со изводот од избирачкиот список, треба да го пронајде гласачот и да го припреми изводот од Избирачкиот спиок за ставање на потпис (или отпечаток),
  5. За побрзо и полесно пронаоѓање на на гласачите во изводот од Избирачкиот список, избирачкиот одбор може да стави бележници за означување (стикери) на листовите за секоја почетна буква од презимињата на гласачите.

Исто така, како и во првиот круг остануваат препораките доколку има гужва во избирачкото место, избирачкиот одбор да не губи време со принтање на статистички извештаи за излезноста од техничката опрема, туку тоа да го направи телефонски до општинската изборна комисија според бројот на потпишани избирачи во Избирачкиот список кои гласале.

Бидејќи денес, на полноќ завршува изборната кампања Државната изборна комисија апелираше до политичките партии, кандидатите и медиумите да го почитуваат изборниот молк и Изборниот законик.

Истовремено, Државната изборна комисија ги повика сите граѓани да излезат и да гласаат слободно. Гласањето е тајно, гласачките ливчиња се заштитени и не е можно да бидат злоупотребени.

Исто така, Државната изборна комисија побара од општинските изборни комисии и избирачките одбори да се однесуваат и да работат професионално, одговорно, без оглед на било каква партиска припадност. Тие се должни да го почитуваат Изборниот законик, упатствата, актите на Државната изборна комисија, како и насоките добиени на обуките, се со цел спроведување на регуларен изборен процес, што е од заеднички инстерес за сите.

Триесет и шестата седница останува отворена за што јавноста ќе биде дополнително известена.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content