На седницата на Државната изборна комисија беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година поднесени од Алџезир Балкан – дописништво Скопје, Цивил, Граѓанската превенција „Превенција за време на избори“ и дополнувањето од Државната изборна комисија на Босна и Херцеговина.

Државната изборна комисија ги иззема членовите на посебните избирачки одбори кои ги исполнуваа условите да бидат изземени и согласно тоа спроведе случаен избор за претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.

На седницата беше донесена Одлуката за утврдување на обликот на 183 печати со број на избирачко место кои ги користат избирачките одбори при спроведување на гласањето а се ставени вон употреба.

Државната изборна комисија информираше за преземените завршни активности непосредно пред денот на гласање и тоа:

  • За претседателите и замениците на претседателите ќе се спроведуваат дополнителни обуки за ракување со уредот за биометриска идентификација на гласачите, кои е планирано да завршат до 15 октомври 2021 година. Потребно е сите да учествуваат во обуките, а работодавачите да ги ослободат од работните обврски горенаведените лица за времетраењето на обуките.
  • За денот на спроведување на изборите Државната изборна комисија обезбеди ИТ лица за техничката поддршка со ракувањето со уредите за биометриска идентификација на гласачите, кои дел се  обезбедени преку Дермалог, дел преку базата на Министерството за информатичко општество и администрација и дел преку Јавниот повик, со што сите општински изборни комисии ќе располагаат со соодветен број на ИТ лица, согласно бројот на избирачки места.
  • Изборниот материјал е комплетен. Недоверливиот гласачки материјал веќе се доставува до општинските изборни комисии, а доверливиот изборен материјал Државната изборна комисија со полициска придружба ќе го доставува на 14 октомври 2021 година (четврток). Уредите за биометриска идентификација на гласачите ќе се доставуваат на 15 октомври 2021 година (петок), исто со полициска придружба. Изборниот материјал ќе биде постојано обезбедуван од припадниците на Министерството за внатрешни работи.
  • Уредите за биометриска идентификација на гласачите се наполнети со податоците добиени од Министерството за внатрешни работи. Податоците во нив се криптирани, чувањето и преносот на податоците се обезбедува со соодветни процедури и истите во ниедна фаза неможе да бидат злоупотребени. Тоа важи и за податоците на граѓаните кои ќе излезат да гласаат како и за податоците на оние граѓани кои нема да излезат да гласаат.
  • Уредот за биометриска идентификација на гласачите ги регистрира сите дејствија и обиди за идентификација на секој гласач и истите ги чува заштитени во вид на логови. Заради заштита на процесот на гласање и заштита на избирачкото право, доколку има сомнежни за евентуални злоупотреби од страна на гласачи, Државната изборна комисија ќе може да ги спореди сите отпечатоци од граѓаните кои гласале со отпечатоците во базата на ниво на цела држава. Тоа значи дека секој евентуален обид за манипулација ќе биде откриен и ќе се обезбеди законското правило  „еден гласач=еден глас“.
  • Ако било кое лице се обиде два пати да гласа на исто избирачко место, или ако повторно се обиде да гласа на друго избирачко место, неговиот обид ќе биде евидентиран во уредот и подоцна лицето ќе биде идентификувано од страна на Државната изборна комисија. Кривичните санкции за ова се огромни.
  • По завршување на гласањето податоците од уредите за биометриска идентификација ќе бидат испразнети согласно пропишаната процедура и избришани во определениот рок. Постапката ќе се повтори за општините каде ќе се гласа во втор круг.

Истовремено, Државната изборна комисија информираше дека гласањето за болни и немоќни ќе се спроведува на 16 октомври 2021 година (сабота). До општинските изборни комисии барање за гласање на болни и немоќни доставиле вкупно 7891 лица, од кои досега 3 545 лица се прифатени, а 283 лица се одбиени. Обработката на барањата од страна на општинските изборни комисии е сеуште во тек.

На 16 октомври 2021 година (сабота) гласаат и лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација и во законски опредлениот рок пријавени се вкупно 476 лица.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content