Со цел да обезбеди независно, непристрасно и правично разгледување и одлучување по приговорите Државната изборна комисија го донесе Упатството за начинот и постапката за решавање на приговори кои се во надлежност на Државната изборна комисија, со кое се уредуваат минималните услови за формата и содржината на приговорот, начинот на поднесување и регистрирање на приговорот, начинот на предлагање и проверка на доказите, увидот во избирачкиот материјал, известувањето на подносителот на приговорот и на јавноста, процедурите за анализа и одлучување по приговорите, поништување и повторување на гласањето, постапката за оперативно следење на приговорите и пристапот до базата на податоци, начинот на чување и архивирање на приговорите, документите, изборниот материјал и други прашања од значење за правната заштита на изборниот процес, по однос на приговорите поднесени од избирачите и овластените подносители на листи на кандидати согласно член 69-а, 108-б став 3, 148, 149 ст.2 и 149-а од Изборниот законик, а во врска со член 147, 147-а и член 151 од Изборниот Законик. Во врска со ова посебно беа образложени деловите од Правилникот за начинот на постапување на Државната изборна комисија поради проверка на податоците на уредите за биометриска идентификација на гласачите, што претставува основ за одлучување согласно измените на Изборниот законик.

Податоците за отпечатоците од прсти од Избирачкиот систем кои до Државната изборна комисија ги достави Министерството за внатрешни работи за биометриска идентификација на гласачите на денот на изборите, се чуваат во централен систем инсталиран во Државната изборна комисија. Истите ќе бидат импортирани до уредите за биометриска идентификација на гласачите кои се користат на денот опредлелен за гласање, а по завршувањето на гласовите, уредите се враќаат до општинските изборни комисии а тие ги враќаат до Државната изборна комисија, каде 10 дена по објавување на конечните резултати од изборите се врши трајно бришење на отпечатоците на прсти. За таа цел на седницата беше донесено Упатството за начинот и постапката на чување, обработка и бришење на податоците за отпечатоци од прсти од Избирачкиот список.

Бидејќи и Локалните избори 2021 година ќе се спроведуваат во услови на пандемија поради Коронавирусот, Државната изборна комисија ги усвои Задолжителните препораки за здравствена заштита во текот на изборниот процес и заклучи истите да ги достави на мислење до Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

На седницата беа прифатени барањата за добивање овластување за набљудувачи  за Локалните избори 2021 година поднесени од повеќе организации и амбасади, со што заклучно со денешната седница за овие избори Државната изборна комисија издаде вкупно 1040 акредитации.

Државната изборна комисија спроведе случаен избор за претседател и членови на посебните избирачки одбори кои ќе го спроведат гласањето на лицата кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација.

По однос на пријавувањето за гласање на овие лица, овозможено е покрај постојните начини за пријавување истото да го направат и преку апликацијата https://izolacija.sec.mk.

Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content