Државната изборна комисија известува дека регистрациите на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) кои претходно се веќе регистрирани во ДИК и чие барање за упис е потврдено со Решение за упис во Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) усвоен на 21та Седница на Државна изборна комисија на 10.09.2021 година, остануваат во сила и се важечки, односно истите не треба да поднесуваат нови барања за регистрирање во ДИК.

Радиодифузерите кои се претходно регистрирани во ДИК се должни да достават нови (корегирани) ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од Законот за измениување и дополнување  на Изборниот Законик објавени во Сл. Весник бр. 215/21 од 16.09.2021 година, најдоцна до 19 септември (недела) до 24,оо часот, додека печатените медиуми доколку имаат корекција на своите доставени ценовници можат да достават нови (корегирани) ценовници во истиот рок.

Сите радиодифузери и печатени медиуми кои претходно не се регистрирани во Регистарот за радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (електронски портали) на ДИК (не поднеле барање за упис, немале комплетна документација или го пропуштиле рокот) имаат право да поднесат ново барање до ДИК и да се регистрираат најдоцна до 19 септември до 24,00 часот. Овие радиодифузери и печатени медиуми со барањето за регистрација се должни да достават и ценовници согласно член 75-ѓ став (9) од Измените на Изборниот Законик објавени во Сл. Весник бр. 215/21 од 16.09.2021 година, за предвремени парламентарни избори 2014, предверемени парламентарни избори 2016, локални избори 2017, претседателски избори 2019 и предвремени парламентарни избори 2020.

Радиодифузерите се должни ценовници да ги достават до АВМУ, ДИК, ДЗР и ДКСК во рок од три дена од денот на објавување на Ревидираниот Роковник, најдоцна на 19 септември до 24:00 часот.

Печатените медиуми кои имаат корекција на ценовниците се должни истите да ги достават до ДИК, ДКСК и ДЗР најдоцна на 19 септември до 24:00 часот.

Радиодифузерите и печатените медиуми што нема да се регистрираат или што нема да достават нови (корегирани) ценовници најдоцна до 19 септември (недела) – до 24,00 часот, нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

Доколку Државната изборна комисија утврди неправилности во ценовниците од радиодифузерите и печатените медиуми го известува соодветниот медиум да изврши корекција на ценовникот во рок од 72 часа од приемот на известувањето.

Регистрираните радиодифузери како и радиодифузерите кои поднеле нови барања за регистрација, а кои што нема да достават нови (корегирани) ценовници во наведениот рок го губат правото да бидат регистрирани за платено политичко рекламирање и нема да имаат право да користат финансиски средства за платено политичко рекламирање, обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (интернет портали) се води врз основа на поднесено барање за упис до ДИК, со прилог тековна состојба издадена од Централен регистар на Република Северна Македонија, не постара од 30 дена.

Документацијата од ова известување се поднесува електронски на следната електронска адреса [email protected] или во архивата на Државната изборна комисија на бул. Св. Кирил и Методиј бр. 54, 1000 Скопје, најдоцна на 19 септември (недела) до 24:00 часот.

Архивата на Државната изборна комисија ќе работи на прием на барања за упис во регистарот на радиодифузери и печатени медиуми, на ден 18.09.2021 година (Сабота) од 10:00 часот до 18:00 часот и на ден 19.09.2021 година (Недела), од 10:00 часот до 24:00 часот.

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

Skip to content