На средбата помеѓу Државната изборна комисија и претставниците на Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР, која се одржа на 7 септември 2021 година, се дискутираше за преземените активности од страна на Државната изборна комисија, за спроведување на Локалните избори 2021 година.
Државната изборна комисија информираше за поголемите предизвици со кои се соочува за овие избори, а тоа е нова изборна администрација и користење на уредот за биометриска идентификација на гласачите УБИГ. За изборната администрација активно се врши обучување од страна на сертифицираните обучувачи на Државната изборна комисија, со што бројот на обучувачи за овие избори е зголемен за 60 нови обучувачи, покрај веќе сертифицираните 70 обучувачи. За користењето на УБИГ е подготвено соодветно упатство за постапување.
Државната изборна комисија ги информираше преставниците од Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР за сите упатства и дејствија преземени во врска со родовата активност, безбедност во системот на Државната изборна комисја, како и за активностите кои тековно се одвиваат.
Набљудувачката Мисија на ОБСЕ – ОДИХР информираше дека за овие избори ќе има 15 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени на девет локации низ територијата на Република Северна Македонија, кои ќе ја следат работата на изборната администрација, како и ќе остварат средби со политичките чинители и гласачите. На денот на гласањето ќе има 250 краткорочни набљудувачи распределени по повеќе избирачки места. Најпрво ќе биде подготвен времен извештај кој ќе содржи само опис на активностите, после завршување на Локалните избори 2021 година ќе достават извештај со прелиминарни наоди, а два месеца по завршувањето на изборите ќе го подготват конечниот извештај со препораки за евентуални подобрувања.
Двете страни изразија задоволство од досегашната како и од претстојната соработката која ќе продолжи со цел да се спроведат овие избори успешно, во фер и демократска атмосфера, согласно законските прописи.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА