На седницата на Државната изборна комисија беа донесени следните акти:
Упатството за начинот на утврдување на идентитетот на гласачот со кое се уредува начинот на гласање со и без примена на уредот за биометриска идентификација на гласачите УБИГ, односно кој управува со УБИГ, како ќе се спроведува гласањето со употреба на УБИГ, постапување во случај УБИГ да е технички неисправен и неупотреблив, исклучоци од гласање со техничка опрема, постапка за гласање без примена на УБИГ и сл. Поради ова Државната изборна комисија го презентираше изгледот и начинот на кој функционира УБИГ, со цел гласачите да се запознаат со изгледот и начинот на гласање.
Понатаму, беше донесена Одлуката за утврдување на максималниот износ на средствата потребни за изнајмување на простории во приватна сопственост за спроведување на гласање за оние избирачки места каде што не постојат јавни објекти кои ги задоволуваат законските услови за спроведување на гласањето и за кои е определен максимален износ од 3000 денари.
Едногласно беше донесена и Одлуката за изгледот и содржината на испечатените изводи од избирачките списоци, каде што е определено кои податоци ќе бидат содржани во внатрешните страни на изводите од Избирачкиот список, во насока на правилна примена на одредбите од член 45 од Изборниот законик.
Истовремено, беше донесено и Упатството за прием, сместување и чување на УБИГ кои се наоѓаат во просториите на Државната изборна комисија, во насока на безбедносен аспект, сите процедури, протоколи за чување, прием и обезбедување на УБИГ.
Исто така на седницата на Државната изборна комисија беа разгледани барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии, по што по барањата кои беа прифатени од страна на Комисијата се спроведе случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии.
Донесените акти од оваа седница ќе бидат објавени на официјалната веб страница.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА