На 22 април (четврток) со почеток во 12 часот Државната изборна комисија ја одржа шестата седница на која едногласно беа усвоени записникот од петтата седница на Државна изборна комисија, Стратешкиот план на Државната изборна комисија за периодот 2021 – 2024 година и Упатството за спроведување на процедура за вршење на ex-ante контрола на примените фактури за платено политичко рекламирање од радиодифузери, печатените и електронски медиуми.

Основна цел на Стратешкиот план на Државната изборна комисија за периодот 2021 – 2024 година е да постави среднорочна, четиригодишна стратегија за унапредување на работата на ДИК преку одржување на кредибилен изборен систем, перманентно унапредување на изборниот процес и постојана поддршка на сите учесници во изборите во остварувањето на нивните избирачки права. При тоа, ДИК ќе продолжи да работи во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики заради спроведување на квалитетни изборни процеси, да ја гарантира својата професионалност и независност, да ги јакне своите капацитети, да ја зголеми информираноста на јавноста како и да обезбеди еднаков родов пристап во сите сфери од своите надлежности.

За да го постигне ова, стратешкиот план на ДИК за 2021– 2024 година ги содржи следниве седум приоритети, кои се во согласност со мисијата, визијата и фокусот на делување на ДИК:

  1. Зголемување на квалитетот на подзаконските акти и нивната ефикасна примена;
  2. Унапредување на начинот и постапката на водење за избирачкиот список;
  3. Подобрување на ефикасноста на активностите меѓу изборните органи;
  4. Зголемување на свесноста, знаењата и довербата на граѓаните за изборниот процес;
  5. Унапредување на знаењата и вештините на изборната администрација за спроведување на изборниот процес;
  6. Подобрување на внатрешната организација и функционирање;
  7. Интегрирање на родовите аспекти во активностите на ДИК.

Упатството за спроведување на процедура за вршење на ex-ante контрола на примените фактури за платено политичко рекламирање од радиодифузери, печатените и електронски медиуми детално го уредува начинот на вршење на оваа контрола и движењето на документацијата во интерните организациони единици на ДИК.

Седницата беше отворена за јавноста, и истата можеше да се проследи во живо преку Јутјуб каналот на ДИК: https://youtube.com/channel/UCn5bjQrKxUgN2TCXP7ylEMQ

Снимка од оваа седница и натаму е достапна на овој канал.

 

ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА

 

Skip to content