Со презентација по повод 15 годишнината од формирањето на Државната изборна комисија како професионално тело, ДИК денеска (4 февруари) го прослави Глобалниот ден на изборите.
На прославата беа поканети и досегашните претседатели и потпретседатели на ДИК.
Настанот го отвори претседателот на ДИК, Александар Даштевски, кој во своето пригодно обраќање ја истакна важноста на правото на глас како едно од основните човекови права. Тој ја потврди заложбата на ДИК да подготвува, организира и спроведува избори според стандарди и процедури кои обезбедуваат рамноправни услови за сите учесници во изборите и општо, еднакво, слободно и тајно право на глас за секој гласач.
Свои изјави дадоа и поранешните претседатели на Комисијата, Александар Новаковски и Оливер Деркоски, како и поранешниот потпретседател Реџеп Прекопуца. Тие ја нагласија важноста на Државната изборна комисија и нејзините надлежности, напредокот кој ДИК го постигнала во изминатите 15 години, и изразија поддршка за проектите кои продолжува да ги спроведува актуелниот состав на Комисијата.
Државната изборна комисија како професионално тело е востановена со Изборниот законик усвоен на 29 март 2006 година. Првиот професионален состав на ДИК на чело со Јован Јосифовски како претседател е избран на 15 април 2006 година. Актуелен е шестиот професионален состав на Комисијата, избран на 12 јануари годинава.
Од своето формирање како професионално тело, ДИК спровела Парламентари избори во 2006, 2008, 2011, 2014, 2016 и 2020 година, Претседателски избори во 2009, 2014 и 2019 година, Локални избори во 2009, 2013 и 2017 година, како и Референдум на државно ниво во 2018 година.
Глобалниот ден на изборите секоја година се одбележува во првиот четврток во февруари. На овој ден изборните комисии ширум светот организираат тркалезни маси, дебати, работилници, средби со граѓани и сл. со цел да ја истакнат посветеноста на заштита на правото на глас како едно од основните човекови слободи и права.
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА