На продолжението на 77-та седница на Државната изборна комисија, кое се одржа на 13 јули 2020 година, се одлучуваше по приговорите за заштита на личното избирачко право, согласно член 149-а од Изборниот законик и истите беа едногласно одбиени.
Државната изборна комисија, информираше дека во текот на денешниот ден беше спроведено гласањето на лицата кои се со позитивен тест на КОВИД-19 и лицата во самоизолација, со што од вкупно утврдениот број на лица 759 кое може да гласааат, правото на глас го оствариле вкупно 723 лица. Причината поради која бројките се разликуваат од претходно објавените е поради тоа што Државната изборна комисија одлучуваше по поднесени приговори, а општинските изборни комисии прифаќаа пријави на лица за гласање на 13 јули 2020 година од апликацијата на Државната изборна комисија.
Државната изборна комисија, истакна дека ова се бројки на лица кои го оствариле правото на глас, а гласачките ливчиња од денешното гласање и од гласањето кое ќе се спроведе на 14 јули 2020 година, остануваат запечатени во гласачката кутија за гласањето кое се спроведува на 15 јули 2020 година и сумирањето на бројот на гласови ќе биде по завршувањето на гласањето на 15 јули 2020 година.
Истовремено, Државната изборна комисија се заблагодари на сите учесници во денешниот изборен процес, особено на членовите на посебните избирачки одбори кои професионално го спроведоа гласањето и до медиумите кои го следеа гласањето, со што се покажа дека Државната изборна комисија од здравствен аспект целосно го обезбеди изборен процес.
Согласно горенаведеното ги повика граѓаните да го остварат своето право на глас, бидејќи сите избирчаки места се максимално соодветно обезбедени согласно препораките и протоклите за заштита од спречување на ширење на Коронавирусот.