На 61-та седница на Државната изборна комисија, која се одржа на 6.3.2020 година, беа разгледувани и донесени следните подзаконски акти:
Упатството за начинот и постапката за пријавување и гласање во посебни установи за вонсемејна грижа (домови за стари лица), согласно кое избирачите кои на денот на гласање се згрижени во посебни установи за вонсмејна грижа, по претходна пријава до одговорното лице на установата каде што се згрижени ќе можат да го остварат правото на глас, за што Министерството за труд и социјална политика врз основа на сопствена евиденција и врз основа на доставените податоци од одговорните лица во установите за вонсемејна грижа до Државната изборна комисија ќе достави податок за овие лица.
Упатството за изгледот на беџовите за идентификација на изборните органи, изборната администрација, овластените претставници на подносителите на Листа за кандидат, меѓународните и домашните набљудувачи за Предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2020 година.
Упатството за начин и постапка за решавање на приговори кои се во надлежност на Општинските изборни комисии, за начинот и постапката за решавање на приговори поднесени од избирачите согласно член 149 став (1) од Изборниот законик, според кој на секој избирач на кој му е повредено личното избирачко право во постапката за спроведување на гласањето може да поднесе приговор до Општинската изборна комисија во рок од 24 часа.
Упатството за начинот и постапката за решавање на приговори кои се во надлежност на Државната изборна комисија, за начинот и постапката за решавање на приговори поднесени од избирачите и овластените подносители на листи на кандидати, по кое приговори може да се поднесуваат согласно: член 69-а (подносител на листа односно кандидат може да поднесе приговор за непочитување на одредбите од член 69-а став (1) и став (2) од Изборниот законик), член 148 од Изборниот законик (приговор може да поднесе секој подносител на листа на кандидати за повреда во постапка за гласање, сумирање и утврдување на резултати од гласањето), член 149 став (2) од Изборниот законик (приговор може да поднесе секој избирач на кого му е повредено личното избирачко право во постапка за спроведување на гласањето во странство) и член 149-а од Изборниот законик (приговор може да поднесе секој избирач на кого му е повредено избирачкото право во секоја фаза од избориот процес), кое има за цел да ги определи минималните услови за формата, содржината на приговорот, начинот на поднесување до Државната изборна комисија и да обезбеди независно, непристрасно и правично разгледување и одлучување по приговорите.
Државната изборна комисија го донесе и Образецот број 21- Записник за сумирање на резултатите од гласањето за избор на пратеници во Собранието на Република Северна Македонија и Упатството за составување на истиот.
Се разгледаа поднесените барања за добивање овластување за набљудувачи – Предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија 2020 година и беа одобрени 4 акредитации на Меѓународна фондација за изборни системи, ИФЕС –Канцеларија во Северна Македонија, 18 акредитации на Граѓанска асоцијација за Развој на Демократските Институции – МОСТ Скопје и 33 акредитации на ОБСЕ Канцеларија за демократски институции и човекови права – Мисија за набљудување на избори.
Претседателот на Државната изборна комисија информираше во врска со Јавниот увид во Избирачкиот список, каде до 5.3.2020 година, проверка извршиле 5725 граѓани, за 87 граѓани е донесено решение за запишување во Избирчакиот список, за 42 граѓани е донесено решение за бришење од Избирачкиот список, на 34 граѓани им е извршена промена на податоците во Избирачкиот список и 7 граѓани со понишетно живеалиште кои направиле увид во Избирачкиот список.
По однос на собирањето на потписи од група избирачи, во Изборната единица 1 – Емилија Гелева, собрала 74 потписи, за Изборната единица 2 – Игор Цветковски – 33 потписи, за Изборната единица 3 – Зоран Мијалков не собрал потписи, за изборната единица 4 – Горан Танаскоски собрал 255 потписи, за Изборната единица 5 – Петар Котевски собрал 174 потписи и за Изборната единица 6 – Исмаил Бојда, не собрал потписи.
Во дипломатско – конзуларните претставништва заклучно со 5.3.2020 година, се пријавиле вкупно 2871 граѓани.
Исто така, Државната изборна комисија ги разгледа барањата за неприфаќање на извршување на должност претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии по што беше направен случаен избор на претседател, заменик претседател, член и заменик член на општинските изборни комисии чии барања за изземање беа прифатени од Државната изборна комисија.
Со почит
ДРЖАВНА ИЗБОРНА КОМИСИЈА